1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Концернот РЕВЕ со нови инвестиции во Бугарија

Вториот по големина германски концерн со храна РЕВЕ, во последниве години засилено работи во странство, при што тежиштето е источна Европа. Фирмата од Келн дејствува во Бугарија веќе 5 години, а за наредните 3 до 5 се планираат инвестиции од 220 милиони евра.

Концернот РЕВЕ

Концернот РЕВЕ

Со синџирот супермаркети БИЛА и преку туристичката агенција ИТС, РЕВЕ е еден од најголемите инвеститори во Бугарија. Најсилната филијала во странство РЕВЕ-Аустрија инвестираше скоро 80 милиони евра во отворањето на филијалите БИЛА. РЕВЕ туристик во изградбата и реновирањето на хотели во Бугарија, инвестираше преку 50 милиони евра. Келнскиот концерн е ангажиран на зголемување на растежот во Источна Европа. „Сакаме странскиот удел во нашиот промет од сегашните 32 да го зголемиме на 50 до 60 проценти„, најави претставникот на управниот одбор Ахим Егнер при посетата на Софија, каде што се сретна со претседателот Парванов, со премиерот Станишев и со министерот за економија Овчаров. Зделките во странство се многу поповолни отколку во Германија, потврдува портпаролот на РЕВЕ Волфрам Шмук во разговор за Дојче Веле:

„Германскиот пазар за храна е презаситен. На германскиот пазар се води нерамноправна конкуренција меѓу супер-маркетите и дискаунтите. Тоа значи дека станува збор за пазар без пораст и затоа групата РЕВЕ ја засилува експанзијата во странство, посебно во Источна Европа„.

Преку австриската ќерка БИЛА, РЕВЕ е веќе застапен со супер-маркети во Полска, Хрватска, Чешка, Словачка, Бугарија, Романија, Украина и Русија. Во секоја од овие земји концернот покажува добивки. Уште во оваа година РЕВЕ планира преземање на синџирот супер-маркети во московскиот регион, како и почеток на маркетите Пени во Романија. Меѓутоа, најсеопфатна е планираната експанзија во Бугарија, вели Волфрам Шмук:

„Со супер-маркети во Бугарија започнавме пред 5 години, под името БИЛА. Денес имаме 16 маркети, а кон крајот на годината ќе бидат 18, но сакаме уште поголема експанзија. На овој план се планираат инвестиции од 120 милиони евра во наредните 5 години„.

РЕВЕ планира отворање на вкупно 100 Пени-маркети што ќе овозможи нови илјада и 300 работни места. Концернот има серизона намера за инвестиици и во бугарскиот туризам. Волфрам Шмук:

„Бугарија за РЕВЕ е атрактивен пазар во кој има добар развој на трговијата на мало и во туризмот. Од тие причини се ангажираме на тој план. Имаме постојан пораст на стапките од 5 насто. Нема висока инфлација, постои политичка и економска стабилност, се намалува стапката невработени. Тоа значи дека постојат добри претпоставки за инвестирање во Бугарија„.