1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Конфузија на северот на Косово

Локалните избори на северот на Косово минаа во атмосфера на насилство и закани. Противниците прогласија успех на бојкотот. Се оценува дека тоа ја компликува положбата на Србите и го загрозува Бриселскиот договор.

Можеше да се очекува дека за време на изборите на северот на Косово ќе дојде до политички и физички пресметки, бидејќи кампањата за бојкот едноставно беше интензивна и долга, истакнува за Дојче веле новинарот на „Политика“ Бошко Јакшиќ. Властите во Белград едноставно немаа ефикасни начини да се спротивстават на тоа, вели Јакшиќ.

„Значи, повторно се покажа дека најдобриот опис на состојбата меѓу Србите на северот е – конфузија. По политиката која се водеше со децении, со која се тераа да не излегуваат на избори, сега се покажа дека сега едноставно не е лесно нив да ги мотивирате да излезат на избори. А, тоа што траеше со децении не може да се промени за два или три месеци. На тоа се надоврзаа и блокадите кои стигнуваа од Приштина, така што сѐ што се случуваше и резултатот од изборите не е некое големо изненадување“, оценува Јакшиќ.

Белград не е виновен?

Kosovo Kommunalwahl Sveti Sava Schule

Косовската полиција го обезбедуваше основното училиште „Свети Сава“ во северниот дел од поделената Косовска Митровица. Маскирано лице влезе на гласачко место во училиштето, фрлајќи солзавец и кршејќи ги гласачките кутии

Откако почнаа да пристигнуваат првите вести за инцидентите на косовските гласачки места, во Белград веќе започна лицитирањето кој е одговорен за сето тоа што таму се случува. Така се наведуваше дека за инцидентите се виновни десничарски организации, одредени политички партии – како Демократската партија на Србија (ДСС), а сето она што се случуваше е оценето како добро организирано и смислено насилство. Властите во Белград тврдат дека ќе се пресметаат со предизвикувачите на инцидентите. Меѓутоа, прашањето кое сега се поставува е – дали некој од челниците во Белград ќе понесат одговорност за сето она што се случуваше на северот на Косово.

Бошко Јакшиќ вели дека тоа сега ќе зависи од тоа како Брисел и меѓународната заедница ќе ги читаат резултатите од изборите на Косово.

„Значи, навистина е тешко да се замисли дека Белград можеше материјално и физички да спречи еден ваков несреќен развој на ситуацијата. Ако ги погледнеме изјавите на челниците од ЕУ, кои беа со многу пофалби дека Белград прави сѐ за да овозможи слободни избори со максимален одзив на гласачите, не очекувам дека Белград ќе биде обвинет или дека ќе сноси вина за тие случувања“, смета Јакшиќ.

Политичка конфузија од Белград

За политичката конфузија на северот на Косово секако дека придонесоа и конфузните сигнали од Белград. Да потсетиме дека против Бриселскиот договор своевремено против беа и сегашниот министер за Косово Александар Вулин, но и Красимир Пантиќ, сегашниот кандидат за градоначалник на северна Косовска Митровица, кои сега се најдоа во нова улога на промовирачи на изборите. Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлански студии, вели дека врз основа на сето тоа не може да се каже дека ваквиот развој на настаните не им одговарал и на српските власти.

Kosovo Kommunalwahl 2013

Изборите во Косово се тест за српската и албанската заедница

„Не сум сигурна дека сѐ уште не постои едно крило во власта, дали во нејзиниот политички дел или во секторот на безбедноста, кое воопшто не беше среќно со Бриселскиот договор, ниту со фактот дека на Косово, посебно на северот, се спроведуваат избори, кои би дале некаков вид на легитимитет на продолжувањето на спроведувањето на Бриселскиот договор. Тоа значи дека српската влада има една официјална политика, а таа е дека ќе биде сервилна кон ЕУ поради тешката финансиска криза, а од друга страна ќе ја игра својата тајна игра, која е продолжение на старата политика, за северот на Косово, но и Република Српска, што е можно повеќе да се приближат до Србија“, оценува Милиќ.

Погрешна реторика

Јелена Милиќ обрнува внимание на фактот дека реториката на српските власти во Белград не беше во согласност со духот на Бриселскиот договор. Таа смета дека е лошо српските власти да ја користат синтагмата како „Тачиеви Срби“ како мотивација за излегување на избори.

„Значи, реториката и аргументите со кои се повикуваше на избори, за да се победи и да не се дозволи да дојде ’шиптарска власт’, да се зачуваат Србите, дека тоа е единствениот начин да опстанат – сето тоа апсолутно беше надвор од духот на Бриселскиот договор и она што посебно загрижува е отсуството на реакција на западната меѓународна заедница на таквата кампања која се водеше“, нагласува Милиќ.

Добар изговор

Сега може да се случи српските власти сето ова да го искористат како изговор за неспроведување на Бриселскиот договор, вели Јелена Милиќ. Тие сега имаат алиби, и тоа сосема прифатливо, да ги прогласат изборите за нелегитимни. Во пракса тоа значи да кажат дека тие покажале добра волја за спроведување на тој договор, но дека за тоа едноставно нема услови, смета Јелена Милиќ.

Положба на Србите на северот на Косово секако дека дополнително ќе се искомплицира, вели Милиќ. Србите јужно од Ибар сега ќе бидат во нешто подобра позиција, но тие имаа и подобри услови за своја политичка независност. Очигледно е дека тие имаат свои политички и финансиски интереси врзани не само за локалните избори, туку и за претстојната коалиција за веројатните парламентарни избори на Косово, заклучува Јелена Милиќ.