1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Конференција за Иран

Контроверзни резултати од една конференција во Берлин – стручњаци и научници од Германија, САД, Израел и Иран дебатираа околу иранската атомска програма.

Генералниот директор на ИАЕА, Мохамед ел Барадеи и германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер во Берлин

Генералниот директор на ИАЕА, Мохамед ел Барадеи и германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер во Берлин

Иранската делегација без видливи емоции ги проследи првите реферати на американските, германските и израелските научници околу нуклеарната програма на Техеран. Но, на судир не се чекаше долго. Тој следеше токму во моментот кога иранската делегација изјави дека земјата постојано се држи до меѓународното право. “Апропо“, викна еден израелски научник од подиумот, “како стојат работите со признавање на мојата земја? “ Леден молк кај Иранците. “Би било доволно да кажете само да“, му се обрати на иранскиот амбасадор во ИАЕА еден од слушателите. Тој, пак, возбудено објасни: “Ние не го признаваме ционистичкиот режим.“

Ваквата војна со зборови на една научна конференција ја отсликува затруената атмосфера во која се одвиваат преговорите за иранската атомска програма. Недовербата владее над фактите и предлозите за компромис. Ниту еден од научниците во Берлин не сакаше да даде проценка колку Иран е навистина во состојба да облагородува уран.

Најјасни ставови имаа израелските научници. Тие велат – се чувствуваме загрозени.

“Убедени сме дека Иран има нуклеарна програма. Дали таа ќе биде ефективна за една или десет години не знам. Но, ние не сакаме да постоиме само наредните 10 години. Затоа за нас заканата е егзистенцијална“, вели советникот за безбедност, Узи Рубин.

Иранскиот амбасадор во ИАЕА, Али Асгар,пак, не сака воопшто да зборува за некаква атомска војна: “ИАЕА кај нас правеше истражувања три години и објави дека не нашла докази за постоење нуклеарен материјал или активности кои би се употребиле за забранети цели или за производство на нуклеарно оружје“.

Сем Гардинер, командант во американската авијација, коментира:

“Ова е вештачка криза. Иран во моментов нема способност за нуклеарен удар. Тоа би бил случај најрано за три до пет години. Затоа ова не е вистинска криза, туку криза што е создадена од политичарите.“

Гардинер смета дека санкции нема да донесат ништо и дека е можен американски удар врз иранските атомски постројки. Помалку песимист е Харалд Милер, од Хесенската фондација за мир и истражување на конфликти, кој не верува дека наскоро ќе следат санкции од Советот за безбедност:“Прво, сметам дека Советот за безбедност ќе одржи уште една-две расправи и мислам дека ќе има уште преговарачки рунди меѓу ЕУ и Иран.“