1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Конференција за безбедносна политика: нова трансатлантска иницијатива на Фишер

Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер предложи иницијатива за стабилизација и модернизација на Средоземноморскиот регион: "За да се биде успешен, со оглед на тој голем предизвик за нашата заедничка безбедност, би требало ЕУ, САД и Канада да ги здружат своите капацитети, средства и проекти во една нова трансатлантска иницијатива за Блискиот и Среден исток".

Според Фишер, планот би се реализирал во две фази: прво би биле поврзани во дијалог северноафриканските држави, а потоа и целата Арапска лига. Соработката со нив прво би била безбедносно-политичка, а паралелно со тоа би се проширувале и нивните економски односи со ЕУ и САД. Фишер се искажа за зона за слободна трговија во Средоземноморскиот регион. Во вториот чекор државите во заедничка изјава би се обврзале на разоружување и откажување од примена на сила. Сузбивањето на џихад- тероризмот повеќе е од решавачко значење за безбедноста, отколку можен ангажман на НАТО во Ирак. Цел мора да биде да се развие вистинско партнерство со целиот Средозамноморски простор.

Фишер искажа скепса во однос на можен ангажман на НАТО во Ирак. Германија нема да се постави како пречка доколку Алијансата заземе поинаква позиција, но во никој случај нема да испрати војници во Ирак, рече тој денеска во Минхен на отворањето на 40-та Меѓународна конференција за безбедносна политика.

Новата трансатлантска иницијатива на германскиот министер наиде на претежно позитивен одек. Таа категорично беше поздравена како од британскиот министер за одбрабна Џефри Хун, исто така и од шефот на германската демохристијанска опозиција Ангела Меркел. Но, американскиот министер за одбрана Доналд Рамсфелд студено реагираше оценувајќи дека соработка веќе има. Меркел, инаку, ја повика германската влада да му даде поддршка на можниот ангажман на НАТО во Ирак. Европа мора да биде подготвена на соработка со САД, но вистина е и дека дури и една супер-сила како САД на долг рок е упатена на партнери од доверба и на меѓународна регулатива, рече Меркел.

На дводневната Конференција во Минхен учествуваат околу 280 политичари, офицери и експерти од 45 земји, меѓу нив и македонските министри за одбрана и за надворешни работи Владо Бучковски и Илинка Митрева. Критичарите на Конференцијата за безбедност во баварскиот главен град ги продолжија протестите. Околу 5000 граѓани демонстрираа носејќи транспаренти, на кои покрај другото пишуваше: "Забрана за Бундесверот да ја напушта земјава", како и "Разоружување наместо разградување на социјалата". Според полициски наводи, немало позначителни проблеми.