1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Конференцијата за Сирија е се‘ подалеку

Барањето политичко решение за Сирија и натаму се одвива со тешкотии. Неизвесно е и дали воопшто и кога ќе се одржи меѓународната мировна конференција. Армијата на Асад во меѓувреме слави една победа.

Одржувањето на меѓународна мировна конференција за Сирија е неизвесно бидејќи досега ниту сириските бунтовници ниту раководството на претседателот Башар ал-Асад немаат дадено поддршка за истата, соопшти специјалниот пратеник на ОН Лакдар Брахими во Женева, каде се сретна со владини претставници од САД и од Русија.

Некои прашања засега неможат да бидат разјаснети, соопшти заменикот руски министер за надворешни работи Генади Гатилов по разговорите во Швајцарија. Според него, спорно пред се' е кој воопшто да учествува на конференцијата. „Тоа е најтешкото прашање“, рече Гатилов. Русија постојано бараше, расцепканата сириска опозиција да постигне согласност за еден претставник. Спорно исто така е и учеството на Иран, за што се залага Кремљ. Иран и Русија, имено, се вбројуваат меѓу последните сојузници на властодржецот Асад.

Мај, јуни, јули...

Lakhdar Brahimi / Syrien / Genf

Специјалниот пратеник на ОН за Сирија Лагдар Брахими

Првичната цел беше конференцијата за Сирија да се одржи на крајот на мај, или во јуни, Сега, вели специјалниот пратеник на ОН Брахими, се работи на тоа конференцијата да се одржи во јули. За крајот на јуни е закажана нова подготвителна средба во Женева.

Целта на конференцијата за Сирија е да се постигне опсежен политички мировен договор меѓу владата и опозицијата, нагласи специјалниот пратеник на ОН. За таа цел треба да биде договорено и формирање на преодна влада во земјата.

Тежок пораз на бунтовниците

Во моментов сириската армија извојува се' повеќе победи над бунтовницте. Војската во „сите делови на Сирија“ ќе ги „уништи“ бунтовниците, соопшти армијата. По повеќенеделна опсада, трупите на Асад со голема поддршка на Хезболах милициите вчера го освоија градот Кусеир. Во тој регион се вкрстуваат важни патишта за достава, како за режимот, така и за бунтовниците.

Во текот на двенеделните борби за градот Кусеир, каде живееја 30.000 луѓе, според податоци на опозицијата, биле убиени 500 бунтовници, а околу 1000 повредени. Што се случи со цивилното население во градот засега не се знае. Еден водач на бунтовниците рече дека случувањата во Кусеир биле „моментна слика“. Бунтовниците и натаму ќе продолжат да се борат „се' до ослободувањето на целата земја“.

Дали е премината црвената линија?

John Kerry Antigua Guatemala

Американскиот државен секретар Џон Кери

Францускиот претседател Франсоа Оланд, во меѓувреме, потврди дека имало „сигурни сознанија дека во Сирија било употребено хемиско оружје“. Франција за тоа, според него, има докази, „кои ќе ја обврзат меѓународната заедница да делува“. Мерки, меѓутоа, би се презеле само во рамките на меѓународен легален ангажман.

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери ги повтори предупредувањата до Асад. Проценката на претседателот Барак Обама дека со употребата на хемиско оружје се пречекорува „црвената линија“, по што би следеле консеквенции, останува и понатаму да важи.