1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Контролата на трговијата со оружје останува сон

Преговорите околу договор за регулирање на трговијата со оружје во светот повторно пропаднаа. Нема консензус за предложениот текст, а виновни за тоа се Иран, Северна Кореја и Сирија.

Според претседателот на Кoнференцијата на ОН посветена на трговијата со оружје, Питер Вулкот, вината за пропаѓањето на преговорите ја носат Иран, Северна Кореја и Сирија, кои се спротивставиле на предложениот текст ставен на гласање. Трите земји како образложение за својот отпор наведоа дека нивните критички забелешки по предлог текстот, кој треба да важи за секаков вид конвенционално оружје, од борбени авиони до автоматски пушки, не биле доволно земени предвид. За прифаќање на текстот е потребна согласност од сите 193 земји членки на ОН. Мексико предложи конференцијата да продолжи и договорот да биде донесен без согласност на трите земји. Поимот „консензус“ не е дефиниран, се вели од мексиканската делегација. Руските претставници го отфрлаат ваквиот предлог со обвинување за „манипулација“ со поимот консензус.

60 милијарди долари

Претставниците на 193 земји од почетокот на неделава во Њујорк преговараат за договор за контрола на трговијата со оружје. Досега не постои меѓународен договор кој би ја регулирал трговијата со оружје, која годишно носи околу 60 милијарди долари. На проектот договор повеќе од една деценија работат активисти и повеќе влади во светот. Со него сите земји би биле подложни на контрола дали пратките со оружје стигнуваат во рацете на терористи или пак дали со оружјето со кое тргуваат се повредуваат човековите права.

NO FLASH Symbolbild Waffenhandel

Со договор би требало да се регулура тргувањето со секаков вид конвенционално оружје

Поголемиот дел од државите признаваат дека е неопходно постоење на транспарентни правила, но многу од нив сакаат да издејствуваат исклучоци во правилата.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун изјави дека е длабоко разочаран. „Благодарение на неуморната работа и подготвеноста на компромис меѓу земјите членки, договорот е на дофат“, рече тој. Според него, повеќе пати преработуваниот текст на договорот се избалансиран. Разочарување што договорот не е донесен изразија и претставници на организации за човекови права и хуманитарни организации, како и претставници на голем број земји членки на ОН.

Сепак, трошка надеж се‘ уште постои. Генералното собрание на ОН би можело да го донесе договорот за контрола на трговијата со оружје во иднина, за што би било потребно двотретинско мнозинство гласови.