1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Контроверзниот магазин за Втората светска војна ќе биде затворен

Бауер медиа, планира да престане да го печати магазинот „Дер ландзер“, но не поради правни причини. Компанијата се соочи со поплаки за содржините на магазинот од еврејскиот центар Симон Визентал.

Бауер медиа групацијата, објавува различни видови на магазини, во нив можете да читате за најновите тинејџерски идоли, лесни за приготвување рецепти, и секако воени приказни видени низ очите на германските војници од Вермахтот кои се бореле во Втората светска војна. Покрај многу познатите магазини, како што е магазинот за млади „Браво“, магазинот „Космополитан“, Бауер го печати и магазинот „Дер ландзер“. Но не уште долго. Во петокот на 13.09.2013, Бауер објави дека магазинот повеќе нема да се печати. Портпаролот на компанијата не даде точен датум кога ќе биде испечатен последнниот број.

Магазинот е на пазарот од 1957 година, а своето име го има добиено по колоквијалниот термин за војник во пешадиска единица за време на Втората светска војна. Од недела во недела, „најголемиот конфликт во светската историја“, е презентиран со „сета своја драма - преку видувањата на борбените трупи и сеќавањата на индивидуалци“ како што објаснува „Ландзер“ на својот интернет портал.

Барања да престане објавувањето

Efraim Zuroff

Ефраим Цуроф

Во јули годинава, Центарот Симон Визентал јавно се пожали и побара магазинот „Дер ландзер“ да престане да се објавува. Еврејскиот центар, кој има седиште во САД, е невладина интернационална организација која е формирана во 1977 година. Една од неговите дејности е да ги гони преостанатите нацистички злосторници. Во своите поплаки против магазинот, Центарот искористи германски закони, како што се Законот за забрана на користење на нацистички симболи, против поттикнување и негирање на холокаустот. Според обвинувањата од Лос Анџелес, „Дер ландзер“ пропагира десничарски идеи и токму заради тоа не треба да му биде дозволено да се печати.

Бауер медиа објави на Јом Кипур, најсветиот еврејски празник, кој се фокусира на помирување и каење, дека му става крај на „Дер ландзер“.

Центарот Симон Визентал беше пресреќен поради ваквиот развој на настаните. Ефраим Цуроф, кој е раководител на израелската канцеларија на организацијата, а воедно и нивен главен „ловец на нацисти“ изјави:

„Многу сме задоволни што Бауер медиа донесе исправна одлука, сериозно истражувавме и заклучивме дека таму постои проблем. Луѓето кои имаат служено во единици кои имаат извршено злосторства, беа прикажувани во сосема неутрално светло, а нивните злосторства се кријат под „тепих“. Тие се портретирани како луѓе кои само ја вршеле својата должност, наместо како воени злосторници“.

Имиџот на Бауер медиа загрозен

Бауер медиа ги отфли обвинивањата дека магазинот ги глорифицира нацистичките злосторства. Во јули, за Дојче веле, издавачот изјави дека сите нивни публикации се во склад со законот. По добиените поплаки, Бауер медиа ангажираше надворешен експерт да ја утврди состојбата. Отмар Кури, кој е правник, и специјалист за криминално право, потврди дека од правна гледна точка „Дер ландзер“ е сосема коректен во својата работа. И Германската сојузна агенција за прегледување на материјали штетни за младите, константо ги проверува натписите во магазинот, и на својата индекс листа има ставено само неколку од нив објавени во 1960 годинa.

Wehrmachtssoldaten Externsteine

Војници како овие на сликата во магазинот се портретирани како „пристојни момчиња“

Според медиумските експерти како што е поранешниот професор по германски јазик и литература, Петер Конради, „Дер ландзер“ можеби ги портретира војниците на Вермахтот како „пристојни момчиња“, но магазинот не пропагира анти-семитистички или пак охрабрува обожување на Хитлер.

Дури и сега, Бауер медиа не престанува да го објавува магазинот „Дер ландзер“ поради правни причини, туку едноставно затоа што му штети на имиџот на групацијата. Најверојатно магазинот и не генерира доволно профит за издавачот, како што тоа беше случајот кога магазинот прв пат излезе и се продаде во 500.000 копии.

Борба против пропагандата

Петер Конради кој го проучуваше „Дер ландзер“ интензивно пред десет години, е изненаден од одлуката. „Не мислев дека Бауер ќе преземе така храбар чекор. Како резултат на ова не треба само да молчиме и да се радуваме, напротив. Треба да ја искористиме дебатата која започна пред два месеци“ - вели тој и додава дека треба да се започне со нови политички мерки за борба против десничарската пропаганда.

Ефраим Цуроф, исто така смета дека проблемот со „Дер ландзер“ не треба само така да се затвори. „Вистина е да се каже дека проблемот е решен, но факт е дека тоа траеше премногу долго, а навистина е многу жално што толку многу проблеми од магазинот допреа до толку многу луѓе“ - додава тој.