1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Контроверзна „опасна зона“ во Хамбург

По насилството во Хамбург, полицијата на викендот прогласи „опасна зона“ во дел од градот. Таму минувачите може да бидат контролирани без конкретни сомневања. Критичарите во тоа гледаат ограничување на личните права.

Палки, пиротехника и црни маски - тоа е она што хамбуршката полиција досега го заплени во контролите на повеќе од 400 лица во квартот Штерншанце. Од саботата (4.01) полициските контролори во Штерншанце и во соседните квартови - Алтона и Санкт Паули, смеат да „ги запрат минувачите, да ги испрашуваат, да им го утврдат идентитетот и да ги проконтролираат работите што тие ги имаат кај себе“. Тоа е предвидено со измените на правилата за безбедност и јавен ред, донесени во 2005 година. Од викендот, за неколку дена се издадени над 90 забрани за престој, има едно уапсено лице и 45 лица кои се приведени во полициска станица. Повеќето од нив, како што се вели од полицијата, го следеле повикот на интернет за протестот „Прошетка низ зоната на опасност“.

Повод за најновите мерки на полицијата е актуелниот бран насилство во Хамбург, предизвикан од судирите (на 21 декемви 2013-та) при демонстрациите за задржување на поранешниот театар „Роте Флора“, заземен од страна на автономната левица пред речиси 25 години. Во уличните борби што следуваа беа повредени стотици демонстранти и полицајци. На последниот викенд од декември пак, група маскирани лице, ја нападна познатата Давидвахе (објекот на хамбуршката полиција, н.з.) во Санкт Паули, при што беа тешко повредени тројца полицајци. Според медиумски извештаи, имало и напади врз приватни куќи на политичари.

Hamburg Ausschreitungen Proteste Kulturzentrum Rote Flora

Безредијата избија при демонстрациите на 21 декември 2013 година

Социјалдемократската партија која владее во Хамбург, како и опозиционата Христијанско-демократска унија, сметаат дека прогласувањето „опасна зона“ за одреден временски период е соодветна мерка, додека ФДП и Зелените бараат преиспитување на одлуката. Многумина критичари го кренаа гласот против ограничувањето на основните права на слобода на движење и на собирање. Особено гласни во критиките се претставниците на Левицата, кои сакаат да поднесат и тужба. Кристина Шнајдер од Партијата на левицата оцени дека одлуката за прогласување „зона на опасност, на подрачје каде живеат десетици илјади луѓе“ е претерана.

Јоахим Лендерс, прв човек на синдикатот на полицијата во Хамбург, пак е на мислење дека ваквата одлука е разумна, за да се спречи насилство околу културниот центар „Роте Флора“. Тој вели дека е разбирливо што не сите граѓани се одушевени од прогласувањето „опасна зона“, но искуството од минатото покажува дека мерката е исправна. Така е постапено во борбата против нарко-милјето во Флора-парк, во текот на изминатото лето, и се покажало дека нарко-сцената во тој дел од градот со прогласувањето „опасна зона“ е потисната, нагласува Лендерс за Дојче веле, додавајќи дека ваквата мерка во меѓувреме е укината.

Полицијата, како што потенцира Лендерс, има обврска кон жителите околу „Роте Флора“: „Многу луѓе живеат во тој дел и тие не сакаат насилство, подметнување пожари и уништување.“ Тој додава дека многу од жителите во тој дел на градот живат во „мирна когезистенција“ со екстремните левичари во „Роте Флора“, но во меѓувреме „им е преку глава од насилници кои доаѓаат од други места и кои користат поводи како 1. мај за безредија“.

Rote Flora im Schanzenviertel in Hamburg

„Роте Флора“ во Хамбург

Антје Мелер, од пратеничката група на Зелените во Хамбург, пак, смета дека работите не се решаваат со засилено полициско присуство, туку со дијалог. „Напредок може да се постигне само со политички разговори, а не со поголеми овластувања за полицијата. Се плашам од спирала на настани кои не си ги посакуваме“, изјави Мелер за телевизијата НДР.

Полицијата од 2005 година досега има 40 пати прогласено „опасни зони“ во делови од Хамбург, најчесто само за временски период од неколку часа, кога се одржуваат фудбалски натпревари или демонстрации. Кога ќе биде укината „опасната зона“ не се знае. Досега оваа мерка, која им стои на располагање и на полициите во Берлин, Хесен и Бајерн, служеше само за борба против нарко-криминалот.