1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Контроверзна дебата во Германија - обрежување или не?

Покраинскиот суд во Келн неодамна пресуди дека обрежувањето во Германија на малолетни момчиња, поради религиозни причини, претставува телесна повреда. Владата бара совет за тоа од Етичкиот совет.

Во Етичкиот совет, по денешната (23.08) седница во Берлин, се исцртува мнозинство за законска дозвола за обрежување со пропис за анестезија. На отворената седница на ова тело, кое дава совети на парламентот и владата, правници, теолози и лекари се изјаснија во полза на прописи со кои ќе биде регулирано ова прашање.

Неодамнешната пресуда на покраинскиот суд во Келн предизвика револт меѓу муслиманите и Евреите. Германската влада најaви дека најбрзо што може ќе донесе закон со кој ќе се согласуваат и противниците и приврзаниците на обрежувањето. Пресудата доведе до несигурност меѓу адвокатите, докторите и родителите. Муслиманите и евреите најостро ја критикуваат пресудата.

„Во случај пресудава да биде прифатена од останати органи и биде претворена во закон, тоа ќе значи дека голем дел од заедницата повеќе нема иднина во Германија“, смета Пинхас Голдшмит, претседател на Европската конференција на рабини. Со изјавата тој го зголемува притисокот врз законодавците во Германија, за обрежувањето да го остават како неказнив чин.

Symbolbild religiöse Beschneidung

Со одлуката на судот од Келн обрежувањето на децата се смета за повреда на телото

И министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле е свесен за моралната обврска да се заштити и осигура животот на евреите во Германија под сите околности.

„Во целиот свет и од никого не би било објасниво дека Германија повеќе не им дозволува на евреите да ги обрежуваат своите синови“, рече Вестервеле.

Опозиционата политичарка Ренате Кинаст се согласува со либералот Вестервеле. Таа предупредува од избрзани решенија.

„Јас сакам религиозниот еврејски и муслимански живот да биде можен во Германија, но логично е дека ние мораме исто така да го застапуваме телесниот интегритет на децата. Ова не е лесна задача и не се работи за тоа да се донесат брзи одлуки“, нагласува пратеничката во Бундестагот и шефица на пратеничката група Сојуз 90/Зелени. Мнозинството пратеници во Бундестагот ја поддржуваат намерата на германската влада да ја разјасни легалноста на обрежувањето на малолетните момчиња.

Bundestag Debatte rituelle Beschneidungen

Поддршка во парламентот за закон со кој ќе се регулира обрежувањето

Изненадувачки, но Мехмет Килич припаѓа на оние муслимани кои ја поздравуваат одлуката на судот за обрежувањето. Родениот во Турција адвокат ги претставува Зелените во Бундестагот и таму е портпарол за миграциската и интеграциска политика.

„Оваа пресуда не е мизерна. Од моја гледна точка, како потврден муслиман и обрежан маж, таа не е срамна. Пресудата е поттикнување на размислувањето во полза на правото во една секуларна земја. Ние мораме тоа да го прифатиме и смирено да разговараме и да не донесуваме избрзани одлуки. Се подразбира дека детските права треба да бидат заштитени. Децата не се сопственост на родителите, ниту посед на државата. Тие се индивидуи и имаат права“, го објаснува својот став пратеникот Килич.

Тој додава дека доколку не била пресудата неговите две деца на едно- и осумгодишна возраст веројатно ќе биле обрежани летово. Откако зборувал со сопругата одлучиле да не избрзуваат со тоа. Килич смета дека е подобро самите деца да донесат одлука за тоа.