1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Контроверзи околу „Долина на волците - Палестина“

Филмот „Долина на волците - Палестина“ од крајот на јануари сепак се појави во германските кина. Поради многубројните сцени на насилство тој е достапен само за посетители над 18 години.

default

Плакатот за филмот „Долина на волците - Палестина“

Тајниот агент Полат Алемдар е веќе со години омилен лик на турската публика. Тој е профилиран во заштитник на слабите и потчинетите, како и спасител на националната гордост на татковината. До сега тој се бореше на ТВ екраните и на филмското платно против Курди, Американци и Арапи. Првиот кино филм го одведе во Ирак, каде се бореше против американските сили и привлече цели четири милиони посетители во турските кино-сали.

Најновото остварување се зафаќа со уште поактуелна и подраматична тема за турската јавност, имено крвавиот напад на израелските командоси врз турскиот брод „Мави Мармара“ на 31 мај минатата година, кој беше дел од конвојот кон Појасот Газа. Поради непочитување на поморската блокада, израелската армија испрати хеликоптерска единица на бродот, во чија акција загинаа деветмина турски граѓани, учесници во хуманитарниот конвој за населението на Газа.

Türkei Film Kino Tal der Wölfe Schauspieler Polat Alemdar

Главната фигура, агентот Полат Алемдар

Операцијата на израелската армија се’ уште не е до крај испитана, а смртта на турските хуманитарци претставува голема траума за турската нација. И токму таа отворена рана авторот на филмот ја зема за повод за проширена приказна со одмазда за загинатите сограѓани, во која преовладува многу акционизам и крв.

Клишеа и предрасуди

Оската на приказната е мисијата на тајниот агент Полат Алдемар, кој патува со уште двајца соработници во Израел за да го ликвидира одговорниот за операцијата на бродот „Мави Мармара“, израелскиот офицер Моше Бен Елизер. Тој е прикажан како мрачен и зол, наредува масовни мачења на Палестинци во затворите и тоа на многу циничен начин. Згора на тоа офицерот Елизер сонува заедно со неговите моќни поддржувачи од земјата за Голем Израел. За да дојде до него, турскиот таен агент убива маса израелски војници и агенти и тоа без да му трепне око. При тоа не станува збор за некоја лукавост или друга вештина, туку агентот Алдемар секогаш наоѓа посилно оружје од она на израелските противници и така си го пробива патот до конечната цел.

„Не е само филм...“

Со оглед на поедноставеното дејство во филмот и масовното користење клишеа, човек би можел да се обиде да си ја смири совеста, велејќи дека станува збор само за спектакл на филмското платно. Но, актерот Неџати Сасмаз, кој го игра тајниот агент Алдемар, е уверен во содржината што ја отеловува во филмот „Долина на волците - Палестина“.

NO FLASH Tal der Wölfe Palästina

Сцена од филмот

Во интервју за германскиот јавен телевизиски сервис, тој порача дека со ова остварување „им се влева страв на оние, кои се виновни“. А и авторот на сценариото Бахадир Езденер си зацртал слична мисија: „Сакаме по овој филм луѓето да кажат - сега подобро ја познавам судбината на Палестинците.“

Ваквата порака пристигнала кај голем дел од публиката во кино салата:

„Беше добро, дури супер, сега знаеме повеќе за тоа, кои се навистина терористите.“

„Израел ионака нема така добар имиџ во светот. Сега ќе има уште повеќе анти-симпатизери!“

„Тоа го гледаме постојано во вестите, настаните што овде се прикажани во филмот. Вистина е тоа со Палестина, дека Израелците таму постојано влегуваат и уриваат куќи. И овде е тоа прикажано.“

„И во реалноста е така, тие се злите. Филмот е претеран приказ на тоа, но сепак ја прикажува вистината!“

Tal der Wölfe - Irak Filmszene

Многу истрели и експлозии

Протести на еврејските здруженија

Здруженијата на Евреите во Германија и Австрија упатија остри протести против емитувањето на филмот. Претседателот на германското здружение, Дитер Грауман, оценува дека филмот поттикнува антисемитистичко расположение во јавноста:

„Долината на волците е филм кој пренесува омраза, филм кој го одобрува и поддржува насилството. Филмската сала станува место за ширење проповеди на омраза. Посакувам некој од исламската заедница да го крене гласот против тоа“, порачува Грауман.

Но, за сега здруженијата на муслиманите во Германија навистина молчат!

Автор: Гинтер Биркеншток / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски