1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Контроверзите во политиката кон Авганистан

Како натаму во Авганистан? Околу ова прашање, на крајот на Конференцијата за безбедност во Минхен, денеска (06.02) со германските политичари дискутираше авганистанскиот претседател Хамид Карзаи.

default

Меркел и Карзаи имаа средба во Минхен вчера (05.02)

Тензиите што постојат меѓу авганистанската влада и меѓународните сојузници, се отсликаа и во Минхен. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи беше пречекан пријателски, но не и топло. Карзаи учтиво изјави дека е благодарен за меѓународната помош за неговата земја, но сепак, сосема задоволен не е. Цела парична помош, според неговото непопустливо барање, треба да се слева кај владата, а не како досега делумно во регионални проекти или кај тимовите на НАТО за обнова на земјата. Карзаи бара доверба и тврди дека неговата влада ќе поднесе отчет за секој цент:

„Авганистанската влада е апсолутно одговорна во однос на докажување на тоа каде се употребени парите од помошта.“

Парите треба да стигнат каде што треба

Но, токму во тоа се сомневаат земјите донатори, затоа што постојано исчезнуваат пари во темни канали. Авганистан е далеку до добро владино раководење, а корупцијата е секојдневие. Пратеникот на либералите во Бундестагот, Рајнер Штинер, му се спротивстави на Карзаи:

Afghanistans Praesident Hamid Karzai

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи денеска во дискусија со учесници на Конференцијата

„Господине Претседателе, ние сме на мислење дека ваквата децентрализирана, непосредна помош преку меѓународни организации, е многу ефикасна. Не го премолчувам тоа дека со тоа се поврзани и критичките прашања околу тоа - дали средствата што ги лиферуваме преку авганистанските владини организации секогаш стигнуваат таму каде што треба.“

Карзаи контрираше со забелешката дека целта на меѓународната заедница е да ја пренесе одговорноста во рацете на Авганистанците, и тоа мора да важи за сите сфери:

„Ако и натаму работата приватни безбедносни фирми и регионални тимови за обнова , тгоаш тоа го спречува префрлањето на одговорноста во рацете на Авганистанците“, рече Карзаи.

Обуката оди побрзо од планираното

Помалку контроверзна е обуката на авганистанските безбедносни сили, која, според зборовите на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, оди побргу од планираното. До 2014 година меѓународната

Muenchner Sicherheitskonferenz Guido Westerwelle

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле

заедница треба да ги повлече своите борбени трупи, а Авганистанците да станат сами одговорни за безбедноста. Тоа на владата на Карзаи може да и‘ успее само ако најде заеднички јазик со талибанците, или ако ги придобие на своја страна. Вестервеле смета дека ваквиот процес е на добар пат:

„Над илјада борци во последните месеци се демобилизирани, а во провинцијата Кундус на страна на владата преминаа цели групи. Авганистанската страна работи добро и најважните структури се поставени. Првите средства течат, а Германија со 10 милиони евра е меѓу најважните донатори.“

Вестервеле го потврди планот на германската влада за повлекување на првите германски борбени трупи до рајот на 2011 година, доколку тоа го овозможува безбедносната ситуација. Според министерот за надворешни работи, Германија ќе му дава поддршка на Авганистан и по 2014 година, на пример преку развојна помош. Дали временскиот план на меѓународната заедница за повлекување од Авганистан се‘ уште држи, ќе се разгледува наесен, на голема конференција за Авганистан што ќе се одржи во Бон.

Автор: Нина Веркхојзер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски