1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Контроверзен триумф на Ферари во Хокенхајм

Контроверзна еден-два победа на тимот на Ферари на трката за Големата награда на Германија. Алберто Контадор по трет пат беше најбрз на Тур Д Франс. Трансфери на играчите на фудбалскиот пазар: Раул доаѓа во Шалке!

default

Фернандо Алонсо ја прославува победата во Хокенхајм

Формула 1 - Алонсо најдобар во Хокенхајм

Пилотот на Ферари, Фернандо Алонсо победи на трката за Големата награда на Германија која викендов се возеше на патеката во Хокенхајм. Второто место му припадна на неговиот тимски колега Фелипе Маса со четири секунди задоцнување, а трет на целта мина домашниот возач Себастијан Фетел со болидот на Ред Бул.

Фетел на почетокот на трката не успеа да ја искористи предноста на пол-позицијата. Стартуваше лошо, а по обидот да го затвори Алонсо кој се наоѓаше на втората стартна позиција, турканицата со извонреден старт ја искористи Маса кој излезе на првото место, кое го одржуваше цели 49 круга.

Во 49-от круг се случи критичниот момент на трката кој предизвика лавина од коментари и критики на сметка на тимот на Ферари. По неколку неуспешни обиди на Алонсо да го претекне, на Маса му стигна порака од боксот дека ќе треба малку да прикочи и да го пропушти тимскиот колега. „Алонсо е побрз. Дали ја сфаќаш оваа порака“, му порачаа на Маса од боксот, што беше јасен сигнал дека ќе треба да го пропушти Шпанецот.

На крајот на трката Маса доби и пофалби од боксот и извинување поради загубеното прво место. Алонсо до крајот го задржа водството и победи.

Ќе има ли казна за Ферари?

Formel 1 Rennen in Hockenheim Deutschland

Трката во Хокенхајм

Стјуардите во Хокенхајм го казнија Ферари со 100 илјади долари поради тимската одлука, но резултатите од трката не се поништени. Се очекува во следните денови со случајот да се занимава и Светската автомобилистичка федерација ФИА.

Возачите на Мекларен Луис Хамилтон и Џенсон Батон ги освоија четвртото и петтото место на трката, Марк Вебер на Ред Бул беше зад нив на шестото, а Роберт Кубица со Рено го освои седмото место. Бодови освоија и возачите на Мерцедес Нико Розберг и Михаел Шумахер, како и Виталиј Петров на Рено.

Во генералниот пласман Хамилтон го задржа водството со 157 бодови, пред Батон кој има 143, а Вебер и Фетел го делат третото место со по 136 поени. Следната трка во шампионатот на Формула 1 се вози на 1 август на патеката Хунгароринг за Големата награда на Унгарија.

Велосипедизам - Контадор најдобар на Трката околу Франција

Шпанецот Алберто Контадор по третпат во последните четири години победи на велосипедската трка Тур Д Франс. На последната ревијална етапа долга 102 километри, која во неделата се возеше од Лонгжимо до Елисејските полиња победи Британецот Марк Кевендиш, но тоа немаше поголемо влијание на конечниот пласман бидејќи Контадор ја обезбеди титулата уште во саботната хронометарска делница, кога стигна и до одлучувачката предност од 39 секунди пред големиот ривал Енди Шлек од Луксембург.

Tour de France 2010 20. und letzte Etappe Alberto Contador

Контадор на подиумот во Париз

На трето место во конечниот поредок заврши Русинот Денис Менчов со заостанување од две минути зад победникот.

Илјадници навивачи ги дочекаа финалистите на славната трка на Елисејските полиња. Контадор на крајот пресреќен поради триумфот прослави со колегите од тимот Астана, со скандирање на популарното шпанско „оле“.

Контадор сега им се приклучи на Грег Лемонд, Луисон Бобет и Филип Тиј како трократни освојувачи на трката. Убедливо најуспешен на Тур Д Франс е американецот Ленс Армстронг кој седумпати едно по друго победуваше на трката околу Франција, од 1999 до 2005 година. Армстронг годинава за последен пат се појави на трката, но заврши неславно, на 23-то место со 39 минути заостанување зад победникот, за разлика од лани, кога по четиригодишна пауза успеа да стигне до третата позиција.

Фудбал - Раул доаѓа во Шалке!

На европската и германската фудбалска сцена владее затишје во пресрет на почетокот на новата сезона, а фудбалските страсти на навивачите делумно ги задоволува само трансфер пазарот. Во Бундеслигата во центарот на вниманието е тимот на Шалке кој е на прагот да го доведе во своите редови славниот напаѓач на Реал Мадрид, Раул Гонзалес. Според најавите од германскиот печат, 33-

Fußball DFB Pokal FC Schalke 04 - Bayern München

Во очекување на Раул. фото: Феликс Магат

годишниот Раул би можел уште денеска да стави потпис на двегодишниот договор со тимот од Гелзенкирхен. Реал одлучи да ја пушти иконата на клубот без обесштетување да ја промени средината, а наводно во тек се преговори со Шалке околу висината на неговата плата. Тренерот на Шалке Феликс Магат, кој беше упорен во намерата да го доведе Раул, вели дека трансферот е пред реализација. „Работата е во тек. Разговорите беа многу добри и затоа сум оптимист“.

Германските спортски коментатори оценуваат дека Бундеслигата би добила нов квалитет, но и значење доколку се реализира трансферот. Минатата година на сличен потег се одлучи и тимот на Хамбургер кој во своите редови го доведе подостарениот Руд Ван Нистелрој, но тој се покажа како одлично засилување. На Шалке добро му одеше во подготвителниот период и без Раул, откако тимот забележа 12 победи едноподруго, но Магат вели дека амбициите во новата сезона не се шампионски. „Целта не е да се биде шампион во новата сезона, за тоа клубот треба да даде уште некој милион“.

Необично тивко, засега, минува преодниот период кај првакот Бајерн Минхен, кој досега не го засили тимот.

Автор: БГ/ ГЧ/ дв/ дпа/ ап

Редактор: Александра Трајковска