1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Генијот Стивен Хокинг - контроверзен и омилен

14 март 2018

Тој е еден од најпознатите физичари по Алберт Ајнштајн. Стивен Хокинг, врзан за инвалидска количка поради неизлечивата болест, за многумина беше најголемиот гениј на денешницата. Почина вчера на 76 години во Кембриџ.

https://p.dw.com/p/13g55
Стивен Хокинг, гениј на денешницатаФотографија: dapd

Професорот на Кембриџ ги надмина прогнозите на лекарите што се однесува до должината на животот. Истражувачката кариера на Хокинг почнува имено со удар на судбината - на 20-годишна возраст, токму во време кога ја пишувал својата докторска дисертација, почнуваат првите знаци на фаталната амиотрофична латерална склероза (АЛС).

Болеста наскоро го врзува за инвалидска количка. Тој го губи гласот и мора да зборува преку машина. И покрај инвалидитетот, физичарот добро управува со животот, како приватно, за што доказ се два брака и три деца, така и професионално. Како студент бил надарен, но мрзелив, вели Хокинг за себе. Дури по појавувањето на болеста се посветил целосно на истражувањата. Во 1979 година станува професор на Кембриџ, на катедрата што некогаш ја држел легендарниот Исак Њутон.

Од каде потекнува материјата?

Во Кембриџ Хокинг го дава својот придонес кон физиката - поаѓајќи од Ајнштајновата Општа теорија на релативноста, тој докажува дека Големата експлозија, таканаречениот Биг Бенг, пред околу 14 милијарди години, мора да почнал со таканаречен „сингуларитет“, значи мала точка во вселената. Сепак, најомилената тема на Хокинг се црните дупки, галактички чудовишта кои „голтаат“ се‘ што ќе им се најде во близина. Неговото најважно сознание е дека црните дупки не постојат вечно. Тие со текот на времето исчезнуваат затоа што губат енергија со своето зрачење, наречено Хокинг-зрачење.

Stephen Hawking
Неговото најважно сознание е дека црните дупки не постојат вечноФотографија: AP

Тоа, меѓутоа, досега не е докажано, поради што и Хокинг се‘ уште нема добиено Нобелова награда за физика. „Зрачењето на црните дупки може да се измери“, вели Хокинг, „Но за несреќа, во нашата околина нема ниту една црна дупка.“

И покрај тоа што нема докази, повеќето експерти се убедени во постоењето на Хокинг-зрачењето. Тоа е нешто „што ќе држи и по стотици години“, верува Брус Ален, директор на Макс Планк-институтот за гравитациона физика во Хановер и поранешен студент на Хокинг: „Нема многу вакви сознанија!“

Но, дали Хокинг навистина е, како што многумина претпоставуваат, втор Алберт Ајнштајн? Не, одговараат мал број научници. „Придонесот на Хокинг сигурно не е толку значаен како оној на Ајнштајн“, вели хамбуршкиот професор по физика Клаус Фреденхаген. „Со теоријата на релативитетот Ајнштајн откри нешто сосема ново. Хокинг, наспроти тоа, работи во рамки на веќе постоечките теории.“

Физиката да се направи разбирлива

Едно е јасно: на Хокинг, како на никого дург, му успеа да им ја приближи космологијата на широк круг читатели. Во 1988 година ја објави книгата „Кратка историја на времето“. Иако четивото е се‘, само не лесно сварливо - делото се продаде во милиони примероци и од него направи култна фигура. Големиот физичар знае „добро да се продаде“. Тој настапи во една епизода на сајенс фикшн-серијата „Ѕвездени патеки“, а во април 2007 година си ја исполни најголемата желба - леташе со авион на НАСА и притоа повеќепати доживеа апсолутна бестежинска состојба. Сликите на генијот кој лебди го обиколија светот. „Вселено доаѓам“, рече Хокинг по летот.

BdT Gelähmter Hawking erfüllt sich Traum Schweben in der
Во бестежинска состојба - Хокинг си го исполни својот сонФотографија: AP/Zero Gravity Corp.

Тоа што на таа возраст беше во состојба да прави екскурзии од ваков вид, се граничеше со медицинско чудо. „Го знаев од 1980-та“, раскажува Брусл Ален. „Никогаш не мислев дека Стивен ќе живее толку долго.“ Уште во млади години Хокинг не беше во состојба да ги запишува своите формули на хартија или табла, како што тоа го прават физичарите. Наместо тоа тој мораше да ги извршува комплексните пресметки во глава, што бара воодушевувачки степен на концентрација.

„Тој беше екстремно пријателски настроен и отворен, и покрај тоа што е толку познат“, вели Феј Доукер, која пишувала дисертација под менторство на Хокинг. Таа вели дека големиот научник сакал да прави шеги. Еднаш се појавила со нова фризура во институтот - со избричена глава. „Хокинг едноставно само ми се насмеа и ме праша: ’Феј, зошто си се борела со машината за косење трева?’“