1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Континуитет во владините приоритети

„Ја добивме поддршката од граѓаните, без трикови, нема режим, нема пропаганда, само трудољубивост, истрајност, компетентност и искреност“ - порача денеска во експозето мандатарот Никола Груевски.

default

Премиерот Никола Груевски

Премиерот Никола Груевски во денешното кусо експозе за обемната владина програма со 1.200 проекти се обиде да го зачува континуитетот на петте приоритети, кои се и овој пат истоветно рангирани како и пред три години. Петте стратешки владини цели се: економски развој, евроатлански интеграции, борба против корупцијата, одржување добри меѓуетнички односи и инвестиции во образованието и информатичкото општество.

Мандатарот најави и дека пензиите ќе се зголемат околу 30 насто, Владата ќе субвенционира кредитирање до 50 илјади евра за прв стан, а вработените во пребукираната јавна администрација може да очекуваат над 20 насто поголеми плати. Меѓу заложбите се најдоа и онаа за стабилен денар, за инфалција од 3 насто, за намалување на невработеноста во наредните четири години за околу 8 до 10%. Груевски вети и слобода за медиумите и дигнитет за професионалните новинари.

Nikola Gruevski und Jorgos Papandreou in Brüssel

Премиерите на Грција и Македонија, Папандреу и Груевски

Нема промена на името

Манадарот Груевски зборуваше и за грчко-македонскиот спор, што најмногу ги интересираше амбасадорите кои внимателно го следеа неговото собраниско експозе и промоцијата на владината програма. „Нема промена на уставното име, неприфатливи се предлози што би го загрозиле националниот идентитет. За се’ ќе решаваат граѓаните на референдум“, рече Груевски, информирајќи дека се преговара со Атина врз веќе утврдена стратегија.

Ова е Влада со комбинација на младост и искуство. Од министрите мандатарот побара искрено и чесно работење и како генерација да ја надмине малодушноста, со што на крај го доби аплаузот од владечкото мнозинство.

Критики од опозицијата

Персоналниот и партиски континуитет на мандатарот го критукуваше опозицијата, нарекувајќи ја владата „старо - нова“, со нашминкани и лажни ветувања. Таа порача дека имало политички договор околу барањата на ДУИ, а како компензација останувале старите персонални решенија за „добробит и финансиски профит на семејството“. Владината програма е сублимат на коалициските понуди, без притоа манадатарот посебно да апострофира дали има посебна платформа за идната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ или нов договор Груевски-Ахмети.

Ali Ahmeti, Mazedonien

Лидерот на помалиот коалиционен партнер, Али Ахмети

Говорот, владината програма, министерскиот состав, старо-новата реторика и кадровските решенија се уште една нова голема измама на граѓаните. Манадарат не го исполни ветувањето, дека нема да се потпира врз старите министерски имиња. Тоа е срамна политика со трампа, со пазар да се решаваат прашања кои задираат во Рамковниот одговор, регираше опозицијата.

„Лажни ветувања“

Социјалдемократот Игор Ивановски потсети на најавата дека Владата за седум години ќе инвестира 8 милјарди евра. Од промовираната инвестициска програма веќе поминаа 30 месеци, порача Ивановски.

Неговиот колега Гордан Георгиев го апострофираше екс-шефот на дипломатијата Антонио Милошоски како дел од „вмровското тројство“. „Бродот што тоне го напуштате, ја приватизиравте кадровската политика во дипломатијата, ги нападнавте меѓународните претставници во Македонија“.

Опозицијата и натаму бара изјаснување од премиерот Груевски, дали и ако да, зошто попуштил под притисокот на ДУИ и преку ноќ се амнестирани хашките осомничени за воените злодела и е изгласано проширување на користењето на албанскиот јазик.

Mazedonisches Parlament

Реакции на партнерот во владата

Талат Џафери реплицираше дека ДУИ не признава оти проширувањето на албанскиот јазик и амнестијата, како и признавањето на албанското знаме (одлуки кои и’ претходеа на денешната владина промоција) се пазарење, зашто за своите национални права и интереси тоа немало да го дозволи.

Владата на Македонија ја гледа и ќе ја гради државата како внатрешно интегрирано мултиетничко општество, кажа Ермира Мехмети, која посочи дека нејзината ДУИ и натаму ќе ги преферира евроатлантските приоритети. „Со клима на доверба заеднички можеме да гледаме во иднината, без реваншизам можеме да се разбереме“, кажа Мехмети.

Во момент на жестока дебата околу меѓуетничкиот договор, премиерот како да побара реплика со цел да го каже ставот околу амнестијата, но спикерот го предупреди на почитување на процедурата. Ќе биде интересно да се проследи дали тандемот Груевски-Ахмети, кои беа отсутни од парламентарните дебати за одлуките кои навлегуваат во етничкиот корпус и помирување, ќе се изјаснат на ова собраниско свикување.

Во наредните два дена владината програма ќе биде цел на парламентарна дебата, а во утре пред полноќ за неа ќе се гласа.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски

DW.COM