1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Контакт групата за Сирија со поддршка за бунтовниците

Пријателите на Сирија, во кои спаѓаат западни и арапски земји кои му се противат на претседателот Башар ал-Асад, се договорија да им дадат итна помош на сириските бунтовници, кои се борат за негова смена.

Помошта треба да се канализира преку бунтовничката воена команда, која е поддржувана од Западот. Министрите од 11 земји од Пријателите на Сирија се договорија „итно да обезбедат цела неопходна метеријална и техничка помош за опозицијата на терен“.

Министрите на вчерашниот состанок (22.06) во катарската престолнина Доха ја осудија и „интервенцијата на милитантите и борците од Иран и Ирак“, барајќи од нив веднаш да се повлечат од борбите во Сирија. На состанокот во Доха во саботата учествуваа делегации на 11 земји, меѓу кои и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, неговиот француски колега Лорен Фабиус, од Италија министерката Ема Бонино, министерот за надворешни работи на Велика Британија Вилијам Хејг, на Турција Ахмет Давутоглу и американскиот државен секретар Џон Кери, како и нивните колеги од сунитските земји од Персискиот залив. Официјален Дамаск ги обвинува Пријателите на Сирија дека тие го осмислиле и поттикнале конфликтот.

Treffen der Syrien-Kontaktgruppe Westerwelle

На вчерашниот состанок во катарската престолнина Доха учествуваше и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле (десно) и американскиот државен секретар Џон Кери (лево)

Борци од Балканот против режимот на Асад

Министрите за надворешни работи од земјите на групата Пријатели на Сирија велат дека растечката секташка природа на сирискиот судир, на којашто Асад предупредуваше од почетокот, со наводната странска интервенција, и’ „се заканува на единството на Сирија, а се заканува и со ширење на судирот во целиот регион“.

Според некои проценки, во сирискиот судир досега загинале околу 90 илјади луѓе. Кон крајот на мај беше објавено дека Албанец од македонскиот град Гостивар загинал во борбите против владината сириска армија, а претходно медуимите објавија вести за убиени Албанци од Косово и од Јужна Србија во борбата против режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Медиумите шпекулираа сомневајќи се дека во Сирија има и други групи од по десетина добро вооружени Албанци, кои војуваат против Асад во Сирија. Кон средината на мај оваа година, телевизијата на Федерацијата на БиХ (FTV), повикувајќи се на полициските и разузнавачките агенции од Босна и Херцеговина, презентираше информации дека досега најмалку 52 државјани на оваа земја се бореле на страна на бунтовниците во Сирија. Еден од нив досега загинал.