1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Конструктивна средба без резултати

Конструктивен состанок кој не донесе значајни одлуки – така се оценува вчерашната средба меѓу палестинскиот претседател Абас и израелскиот премиер Олмерт во Ерусалим. Абас барал поддршка за новата палестинска влада на национално единство. Олмерт му одговорил, тоа нема да се случи ако владата не го признае правото на постоење на Израел. Сабина Матај известува.

Абас и Олмерт

Абас и Олмерт

Ова беше втора средба на израелскиот премиер Ехуд Олмерт со палестинскиот претседател Махмуд Абас за еден месец. Разговорите во Ерусалим не донесоа некакви конкретни резултати. Додуша уште пред средбата двете страни изјавија и дека такви одлуки не треба ниту да се очекуваат. Олмерт и Абас сакаат само да ги одржуваат контактите. Но, израелскиот премиер даде позитивен знак пред средбата: на владина седница Олмерт се изјасни за еден саудиско – арапски мировен план од 2002 година. Планот предвидува нормализација на односите меѓу арапските земји и Израел, ако Израел се повлече на границите кои ги имал во 1967 година и прифати заедничко решение за проблемите со бегалците. Ако на самитот на Арапската лига во Ријад, закажан кон крајот на март тие ги поддржат позитивните елементи од планот, тогаш според Олмерт ќе се подобрат шансите за продолжување на мировниот процес.

Но, шефот на израелската влада уште еднаш нагласи дека Израел ќе ја бојкотира новата влада на палестинско единство ако таа не го признае Израел и постоечките мировни договори и ако не се изјасни против насилството. Палестинскиот претседател Абас побарал од Олмерт формирањето на новата влада да го означи како позитивен чекор. Но, тоа за сега не може да се случи бидејќи палестински Хамас, кој треба да биде дел и од новата влада одбива да го признае Израел.