1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Конституиран 16-от состав на германскиот Бундестаг

Норберт Ламерт од Христијанско-демократската унија е неговиот нов претседател

Новиот претседател на Бундестагот, Норберт Ламерт

Новиот претседател на Бундестагот, Норберт Ламерт

Еден месец по изборите, германскиот парламент се состана денеска во Берлин на конститутивна седница. Од ЦДУ номинираниот Норберт Ламерт е избран за претседател на Бундестагот со 93,1 насто од гласовите на присутните пратеници, што е втор најдобар резултат од востановувањето на Сојузната република. Ламерт, заблагодарувајќи се на довербата, истакна дека во времиња на голема коалиција посебно се бара самосвест на парламентот. Сите ги имаат истите права и обврски, рече Ламерт и нагласи дека е важно Бундестагот да не биде извршен орган на Сојузната влада, туку обратно – да биде нејзин налогодавач.

56-годишниот Ламерт, дипломиран социолог, веќе 25 години е парламентарец. Од 2002-ра година беше потпретседател на Бундестагот. Како претставник на моќната пратеничка група на ЦДУ од покраината Северна Рајна Вестфалија, беше сметан за човек кој од заднина ги влече конците. Во изборниот тим на Унијата тој беше експерт за култура. Во времето на Хелмут Кол како канцелар, Ламерт беше парламентарен државен секретар во министерствата за образование, за стопанство и за сообраќај. Таткото на четири деца, чија првобитна желба била да биде диригент, сака добри книги и добри агргументи.

Норберт Ламерт ќе има шестмина потпретседатели, од СПД дури двајца, од кои едниот, Волфганг Тирзе, од претседателската ќе се пресели во потпретседателска фотелја. Проширувањето на бројот на потпретседатели, со кое и во Президиумот на Бундестагот една голема коалиција од партиите на Унијата и СПД би имала мнозинство, беше критикувано од претставниците на опозиционите либерали, на Зелените и на Левичарската партија, кои гласаа против.

Инаку, седницата на Бундестагот ја отвори досегашниот министер за внатрешни работи, 73-годишниот Ото Шили, кој и во овој, како и во претходниот состав, е најстар пратеник. Шили повика во парламентот појасно да се изнесат вистинските грижи на луѓето: „Во смисла на нашата заедничка одговорност, јас многу се надевам дека ќе ни успее на луѓето во Германија повторно да им пренесеме повеќе оптимизам, самодоверба и увереност, но и сигурност дека за нивните грижи на соодветен начин ќе стане збор во парламентот и оти нивните прашања ќе најдат јасни одговори. Ние мораме конечно да престанеме лошо да зборуваме за сопствената земја и покрај поинаквите сознанија, само за да се освои политички терен“ – рече Шили.

Новиот состав на Бундестагот го усвои Деловникот, кој содржи и насоки за проверка на пратениците за нивни можни врски со Штази - тајната служба на поранешната Германска Демократска Република. Сојузниот повереник за актите на Штази Мариане Биртлер деновиве зборуваше за седуммина пратеници - неофицијални соработници на Штази, сите од Левичарската партија, но подоцна се коригира и сега е само еден под сомнение. Принципиелно проверката е доброволна, но ако има конкретни појдовни точки, Имунитетната комисија може да поведе и службена постапка.

Зоран Јордановски