1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Конституирана Комисијата за настаните од 24 декември

Експертскиот тим ќе ги утврди фактите без да носи политички одлуки, потенцираше проф. Борче Давитковски, претседател на Комисијата за настаните од декември 2012 по средбата кај претседателот на Македонија, Иванов.

Конституирана е Комисијата која треба да ги расчисти случувањата во и пред Собранието на Република Македонија на 24 декември минатата година.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ денеска (14.06.) се сретнаа кај претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, a претседателот на Комисијата, професорот Борче Давитковски, по средбата изјави дека има голема волја за расчистување на настаните кај двете политички партии.

„Има голема волја за расчитување на настаните и кај едните и кај другите. Особено кога, условно да речеме, застанаа зад мене како декан на Правниот факултет со некое правно искуство кое го имам. Ми веруваат и сакаат да се најде решение. Мислам дека тоа е добар знак и сигурно дека во предвидениот рок ќе го направиме извештајот и ќе го доставиме каде што треба“, рече професорот Давитковски.

Тој најави дека Комисијата од утре редовно ќе се состанува и дека ќе предложи членовите да прифатат деловник за работа во којшто ќе биде предвиден и начинот на донесување одлуки. „Денеска се одржа првата конститутивна седница на експертската комисија која има налог и задача да ги испита правните аспекти на настаните што се случија на 24 декември минатата година. Благодарение на претседателот Ѓорге Иванов, неговото посредништво и медијаторство, се формира комисијата.

„Од утре почнуваме сериозно да работиме за да ги испитаме настаните согласно насоките што ни се дадени од договорот што е склучен помеѓу политичките партии и претставниците на ЕУ“, рече проф. Давитковски.

Давитковски посочи дека станува збор за правна комисија која во рок од 60 дена треба да утврди факти без да носи политички заклучоци. Тој најави дека евентуално Комисијата може да донесе одредени препораки за измени на, како што рече, деловник или одредени закони.

„Ние сме експертски тим што ќе ги забележи фактите, може да дадеме некоја препорака евентуално за подобрување на деловник, на некој закон итн., ако е тоа причина за овие немили настани на 24 декември“, изјави Давитковски.

Заклучоците од Комисијата Давитковски, како што рече, ќе им го достави на лидерите на двете политички партии од кои го добил мандатот односно поддршка да биде претседател на Комисијата.

Членови на комисијата што треба да ги расветлат настаните од 24 декември се Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и професорите Рената Десковска и Љубомир Фрчковски од СДСМ.