1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Консензусот во НАТО-посилен од конгресмените

Писмото од конгресмените до Обама е важно, но за прием на Македонија во НАТО е неопходен консензус и решавање на спорот за името, оценува американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс.

Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс денеска го оцени како важно писмото што 54 конгресмени го испратија до претседателот Барак Обама во кое бараат да осигури прием на Македонија во НАТО на самитот во Чикаго, но повтори оти и покрај поддршката од САД, неопходен е консензус од сите земји членки што во моментов е оневозможено од нерешеното прашање за името.

„Ние веќе сме кажале дека никој не сака повеќе од Америка и од претседателот Обама, Македонија да влезе во НАТО. Ние го поддржуваме македонското членство во Алијансата, но НАТО е организација чија политика се базира на консензус. Мора да постои консензус за секој нов член на НАТО. Моментно постои проблем, односно прашањето за името претставува проблем за влезот на Македонија во НАТО“, изјави Волерс по средбата со градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.

Волерс истакна дека САД нудат помош во процесот, но оти сепак прашањето за името треба да го решат Македонија и Грција.

„Сигурен сум дека штом прашањето ќе биде решено, Македонија веднаш ќе стане член на НАТО. Ќе сториме се‘ што треба да помогнеме во процесот, но тешко е да се предвиди што може да се случи пред Самитот во Чикаго. Порано или подоцна Македонија ќе влезе во НАТО и ние ќе бидеме многу среќни кога ќе се случи тоа“, изјави американскиот амбасадор.

ОМД: 54 конгресмени во САД побараа брз прием на Македонија во НАТО

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) денеска (03.04) соопшти дека педесет и четири конгресмени од редовите на демократите и на републиканците испратиле писмо до претседателот Барак Обама во кое бараат од неговата администрација да осигура дека НАТО конечно ќе и‘ ја понуди на Република Македонија заслужената формална покана да и‘ се приклучи на Алијансата на самитот во Чикаго, кој ќе се одржи на 20 и 21 мај годинава.

„Педесет и четирите потписи претставуваат најголема поддршка досега од Конгресот за македонските аспирации за членство во НАТО, што е трипати повеќе во однос на самитот во Лисабон. Ова не е само писмо, туку и симбол на растечката поддршка од САД за Македонија и на фрустрацијата поради статус-кво ситуацијата“, изјави Методија Коловски, претседателот на организацијата на македонските иселеници во САД.

Тој додаде дека ова претставува и потврда за напорната работа на македонско-американската заедница во изминатите години, која немаше да се случи без граѓанскиот активизам како писма, телефонски повици и средби со претставниците во Конгресот.

Писмото од конгресмените, според ОМД, е признание за македонскиот придонес кон демократијата, стабилноста и безбедноста во светот, вклучувајќи ги и НАТО-мисиите во Косово, во Босна и во Либан, како и во Авганистан, кадешто Македонија е четврта земја придонесувач во ИСАФ според бројот на жители. Во писмото се посочува и на учеството на Македонија во операцијата „Слобода за Ирак“, во периодот од 2003 до 2008. година.

Конгресмените бараат од претседателот Обама да застане зад своите зборови упатени од Лисабонскиот самит на Алијансата во 2009. година дека „се радува на денот кога САД ќе и‘ посакаат добредојде на Македонија во Алијансата и оти вратите на НАТО ќе останат отворени за нови членки кои ќе ги постигнат неговите стандарди и кои можат да дадат значителен придонес кон безбедноста на сојузниците“.

„Ако на македонските војници може да им се довери безбедноста на НАТО-шаторот во Авганистан тогаш тие треба да бидат поканети во тој шатор. САД и нашите НАТО-сојузници треба позитивно да одговорот на овие напори со поддршка на македонските аспирации за формално интегрирање во Алијансата. Силно ја повикуваме вашата администрација да работи во партнерство со нашите НАТО-сојузници за да го заврши процесот почнат на Вашингтонскиот самит во 1999. година, кога на Македонија и‘ беше доделен првиот Акциски план за членство и да и‘ врачи формална покана на земјата да се приклучи на НАТО, на самитот во Чикаго во мај“, стои во писмото од конгресмените.

Меѓу потписниците на писмото се 22 републиканци и 32 демократи, а копии од писмото се испратени до потпретседателот Џозеф Бајден, државниот секретар Хилари Клинтон, секретарот за одбрана Леон Панета, како и до генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен.