1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Конкурс на Дојче веле за најдобри блогери

Додека интернет корисниците трагаат по начини за размена на информации и за заштита на приватноста, конкурсот The Bobs на ДВ и годинава ќе ги награди најдобрите примери на онлајн активизам. Конкурсот е отворен до 5. март

Од својот почеток во 2004. година, The Bobs наградата на Дојче Веле за онлајн активизам, се фокусираше на признание на обидите за заштита на слободата на изразувањето, не само за медиумите, туку и за поединците ширум светот.

„Пред оваа информатичка ера, слободата на изразувањето, во најголем дел, беше привилегија на оние кои имаа пристап до масовните медиуми“, вели Хосе Луис Орихуела, поранешен член на жирито на The Bobs и професот по мултимедијална комуникација на Универзитетот Навара во Памплона, Шпанија.

„Од блогерската револуција, слободата на говорот е право кое треба да го ужива секој граѓанин бидејќи поврзаниот телефон им овозможува на сите да бидат дел од глобалните медиуми“, вели Орихуела.

Игра на мачка и глушец

Но, во зависност од тоа каде живеат луѓето, размената на мислења со светот отсекогаш е опасна активност поради падот на Интернет слободите ширум светот, според годишниот извештај на организацијата Фридом Хаус.

„Гледаме континуирана употреба на насилство против новинари и блогери, и светот треба да внимава на тоа“, вели Хауке Гиров, раководител на дескот за Интернет слободи на Репортери без граници во Германија.

Symbolbild Zensur Pressefreiheit

Многу влади се трудат на секој начин да ја ограничат комуникацијата

Пред десет години, надгледувањето на интернетот беше познат проблем во Кина, Иран и други репресивни режими. Активистите и противниците на владата, свесни дека се надгледувани, беа приморани да најдат начин да ги заобиколат цензорите за тие и нивната работа да не бидат откриени од властите.

Кинеската влада на сите можни начини се обидува да го спречи пристапот на јавноста до одредени страници и интернет сервиси, па играта на мачка и глушец меѓу цензорите и луѓето кои креираат технологија за заобиколување трае со децении, вели Гиров. „Ние се бориме против цензурата“, проект на Репортери без граници, изработи листа со 164 онлајн активисти кои се наоѓаат во затвор ширум светот.

Ширење на надгледувањето

По откритијата на поранешниот аналитичар на НСА, Едвард Сноуден стана јасно дека не се само граѓаните кои живеат под авторитарни режими тие што треба да бидат загрижени за својата приватност. Документите на Сноуден ја откриваат способноста на американската НСА да следи телефонски разговори и пораки, да навлегува во електронската пошта на луѓето и да ја контролира нивната активност на интернетот.

„Откритијата на Сноуден треба да не наведат да побараме одговорност од оние кои соработуваат со владите кои шпионираат насекаде, за да го ослабат нашиот систем и да ја намалат довербата на корисниците“, вели Рената Авила, активист за човекови права и адвокат за заштита на интелектуална сопственост од Гватемала и член на жирито на The Bobs.

Нарушена доверба

Иако многумина во САД и во други демократски држави имаа доверба во владините институции за заштита на нивната приватност, членот на жирито на The Bobs Араш Абадпур вели дека Иранците одамна научиле што треба да прават за да се заштитат.

„Откритијата на Сноуден покажаа дека оваа доверба е замислена. Понекогаш си замислувам што е попрактично ниво на доверба“, вели Абадпур.

Но додека не се креира таков вид доверба, додава Авила, луѓето ширум светот ќе треба да продолжат да изнаоѓаат начини за да споделуваат информации, а во истовреме да ја заштитат својата приватност и безбедност.

„Кога мејнстрим медиуми молчат, блог сместен во јурисдикција заштитена со анонимност е противотров за цензурата“, вели таа.

Од среда (05.02.2014) The Bobs повторно е во потрага по мислењата на луѓето за најдобрите и најинспиративните проекти и кампањи во поддршка на слободата на говорот и онлајн активизмот. Интернет корисниците од целиот свет имаат на располагање еден месец за да дадат свој прилог на конкурсот и тоа на 14 јазици на www.thebobs.com.