1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Конзервативен папа во земја на лаици

Папата Бенедикт Шеснаесетти од денеска (16.09.10) е во четиридневна посета на Велика Британија и тоа на покана на Кралицата Елизабета Втора. Ова е прва посета на поглавар на католичката црква од шизмата во 16 век.

default

Папата Бенедикт беше дочекан со највисоки почести

Оваа посета нема да биде лесна и пријатна за папата Бенедикт Шеснаесетти. Велика Британија е принципиелно секуларна држава, во која влијанието на црквата и религијата врз јавниот живот се многу помали отколку во Германија, на пример. На британскиот остров само десет проценти од вкупното население е со католичка вероисповед.

Познати личности, кои се декларираат како атеисти, јавно протестираат против посетата на Папата: „Папата има повеќе причини за загриженост, бидејќи овде се забележува лутина, па дури и гнев затоа што е поканет во нашата земја, за овде да шири ставови кои не се во согласност со ставовите на мнозинството на населението, а можеби дури и од оние на мнозинството на католиците во земјата“, вели Кејт Вуд од „Националното секуларно здружение“.

Скапа посета

Една од причините за јавниот протест против посетата на Папата се и големите трошоци за неа. Доаѓањето на Поглаварот на Католичката црква ќе ја чини британската држава дури 15 милиони евра. Кардиналот од Шкотска, Кејт О’Брајен им се спротивставува на критичарите и нагласува дека Папата доаѓа на покана на Кралицата и дека е природно домаќинот да ги преземе трошоците. Надбискупот Винсент Николс, првиот човек на Католичката црква во Англија, додава:

Großbritannien Vatikan Papst Benedikt XVI und Königin Elizabeth II

Папата и Кралицата Елизабета Втора на дочекот

„Сигурен сум, тоа го покажува и моето искуство од контактите во црковните општини, како и од секојдневните разговори во Вестерминската катедрала, дека католиците во земјата многу и’ се радуваат на оваа посета.“

Слаб интерес за посетата

Католичката црква во Англија, меѓутоа, има големи проблеми да ги продаде влезниците за трите планирани јавни настапи на Папата, а и анкетите на јавното мислење покажуваат дека одушевувањето кај Британците е мало - дури две третини од нив не се заинтересирани за доаѓањето на Папата. Тоа го покажува и малата анкета спроведена на улиците на главниот град: „Не сум посебно заинтересиран за тоа. Знам дека Папата доаѓа, но тоа е се’. Нема да присуствувам на манифестациите.“ - „Искрено да ви кажам не му посветувам внимание на тоа, но сметам дека не е лошо што доаѓа.“

Großbritannien Vatikan Papst Benedikt XVI in Edinburgh Demonstration Ian Paisley

Свештеникот Јан Пејсли учествува во протестите против посетата на Папата

Спорни ставови на Папата

Кај Британците наидуваат на отпор ставовите на Ватикан кон абортусот, кон контрацепцијата, хомосексуалноста и забраната жените да бидат свештеници. Згора на тоа доаѓа и серијата скандали со сексуална злоупотреба од страна на католички свештеници. Тери Сандерсон, еден од портпаролите на организираните противници на посетата на Папата, објаснува: „Не сме против католиците, туку против овој Папа. Тој е конзервативен и не ја придвижува црквата кон иднината.“

Наспроти ваквите, не многу пријатни најави за атмосферата што го дочекува на британскиот остров, Папата Бенедикт не ја криеше радоста од посетата: „Многу и’ се радувам на посетата на Обединетото Кралство. Господ нека ги благослови луѓето во Велика Британија!“

Автор: Торстен Хун/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска