1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Конечно меѓуградски автобуски превоз во Германија

Од јануари 2013 година патниците во Германија, освен со железничкиот меѓуградски транспорт, конечно ќе можат да патуваат и со автобуси. Но, оваа либерализација на пазарот не наидува само на пофалби.

Од јануари 2013 година низ Германија ќе смеат да посредуваат новите редовни автобуски линии. Тоа е голем чекор на кој многумина чекаа со години. До сега во важност беше стариот закон за патнички сообраќај, кој потекнува уште од триесетите години на минатиот век. Овој закон на тогашниот државен железнички сообраќај му гарантирал широк монопол на јавниот превоз во Германија.

Стари привилегии

До седумдесеттите години на минатиот век во Германија услугите за автобуски превоз ги нуделе Германската железница и Германската пошта. Потоа голем дел од тие автобуски линии се укинати. Приватните компании смееле овие линии да ги нудат само доколку не претставувале конкуренција на Железницата или веќе постоечките автобуски линии. Затоа денес во Германија речиси и нема меѓуградски автобуски сообраќај.

Според новите правила, од 1 јануари 2013 година ќе може да се воведат нови меѓуградски автобуски линии. Не мора да се почитува правилото дека траењето на патувањето не треба да биде пократко од еден час, или дека автобуските станици на секоја линија мораат една од друга да бидат оддалечени најмалку 50 километри. Покрај тоа, новите автобуси задолжително треба да овозможуваат пристап за лицата во инвалидски колички.

Воведувањето на новите автобуски линии нема за цел да им ги преземе патниците на Германските железници. „Од различни истражувања знаеме дека оние кои први ќе почнат да ги користат новите автобуски линии се луѓето кои сега патуваат со автомобил“, објаснува портпаролот на Сојузното здружение на автобуски превозници Бастијан Рет. Пред се‘ во областите во кои до сега Железницата не нудеше добри сообраќајни врски или каде патниците често мораат да пменуваат возови, автобуските превозници имаат реални изгледи дека нивните услуги ќе се прифатат како добра алтернатива.

Посебно привлечни меѓуградските автобуски линии може да бидат за патниците кои до некоја дестинација не треба да стигнат побрзо, туку поевтино. Тоа е затоа што и веќе постоечките ретки автобуски линии на германските патници им нудат билети кои понекогаш се значително поевтини од билетите за воз.

Германската железница на оваа нова конкуренција не реагира претерано нервозно. Оттаму велат дека самите не планираат да воведат никакви нови сопствени автобуски линии. Наместо тоа, тие порадо ќе се концентрираат на својата главна дејност и ќе инвестираат во нејзиното унапредување.

Сомнеж кај синдикатот

Најголемите критики на сметка на либерализацијата на сообраќаат пристигнуваат од работничкиот синдикат. Тие се плашат дека војната со цените меѓу железницата и автобуските превозници може да се скрши над грбот на вработените во автобускиот сообраќај: „Цените кои на крај таму ќе бидат одредени, мора да бидат некако финансирани. Логично е да се плашиме дека ниските цени на патувањето со меѓуградските автобуски линии ќе бидат финансирани преку ниски плати и лоши социјални услови за работниците.“