1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Конечно крај за „фантомските“ гласачи?

Македонија меѓу два изборни циклуса влегува во длабока реформа на изборната регулатива врз основа на забелешките на странските набљудувачи. Чекор што го поздравуваат како странските така и домашните експерти.

default

Меѓународната заедница активно се вклучува во просецот на реформа на изборното законодавство во Македонија. Формирана е работна група од владини претставници домашни и странски експерти и меѓународни претсавници кои ќе работат на подобрување на изборните правила. Од Македонија се бара да ги отстрани слабостите во изборната регулатива кои можат да доведат до нерегуларности како во претходните изборни циклуси. Препораките се тоа да се направи што поскоро иако време за тоа до следните избори има. Цели три години ако не се сфатат сериозно се посилните гласини за нови предвремени избори на пролет. Конкретно се очекува длабока реформа во изборната регулатива а препораките се базирани на оценките на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР која ги покриваше минатогодишните и овогодишните избори. Главно е барањето за ажурирање на избирачкиот список и зацврстување на капацитетите на администрацијата надлежна за организирање на избори.

Wahlen Mazedonien

Политичка волја за промени постои

Владата ги уверува меѓународните претставници дека следните избори ќе бидат одржани според највисоките светски стандарди. Вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски вети дека институциите ќе соработуваат координирано за да ги отстранат сите неправилности. „Сигурен сум дека сите вклучени претставници во оваа работна група во наредните месеци ќе излезат со соодветни препораки и акционен план се со цел наредните избори во Република Македонија да бидат одржани според највисоките меѓународни стандарди“, рече Наумовски.

Првиот човек на ОБСЕ во Македонија Хозе Луис Хереро е задоволен од досегашниот ангажман на надлежните. До следните избори, ОБСЕ сака да види нов изборен список и механизам што ќе спречи заплашување од каков и да е вид до гласачите.„Ова е многу добро и остава многу време на располагање на земјава за да се спреми за наредните избори. Второ, самото присуство на заменик премиерот задолжен за евро-интеграции, на министрите за правда и внатрешни, како и на првиот човек на ДИК, јасно укажува на важноста на оваа иницијатива. И трето, за нас е многу важно тоа што Владата ги прифати коментарите, забелешките и препораките на набљудувачите на ОБСЕ-ОДИХР“, вели Хереро. Вклучувањето на меѓународната заедница во подобрувањето на климата за избори во Македонија е многу важен сигнал за граѓанската асоцијација МОСТ. Дарко Алексов за Дојче Веле изјави дека во земјата има политичка волја за позитивни промени во оваа сфера. „ Периодот помеѓу два изборни циклуси треба да се користи за подобрување на изборната регулатива и работата на институциите кој што го спроведуваат процесот“, рече Дарко Алексов - Мост.

Партиите долго време меѓусебно се обвинуваат за „фантомските“ гласачи

Mazedonien Wahlen 2009

Главната забелешка на меѓународниот фактор се однесува на неажурираниот избирачки список. Голем број починати или луѓе отселени од Македонија се’ уште се на гласачките листи, голем број повратници неможат да гласаат бидејќи не се впишани во избирачкиот список. Партиите меѓусебно се обвинуваат за дури 200 илјади фантомски гласови. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Новаковски вели дека работите ќе се средат до изборите во 2012. Ако има предвремени избори или референдум ќе се игра според сегашните правила. „ Не би рекол дали ќе имаме фантомски гласачи, туку ќе се работи со овој избирачки список кој сега го имаме“, изјави Александар Новаковски, претседател на ДИК. Досегашните промени во изборниот законик им овозможуваат на македонските граѓани во дијаспората право на глас. На први септември годинава иселениците се стекнаа со можноста да изберат тројца пратеници во македонскиот парламент. Ќе бидат формирани три изборни единици првата за Македонците од Северна и Јужна Америка, втората за иселенците во Европа и Африка и третата за македонските граѓани во Азија и Австралија. Но Државната изборна комисија се уште нема дефинирано правила како ќе се испочитува законската обврска за гласање на дијаспората, ниту има евиденција колкав е бројот на иселениците со право на глас.

Автор:Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски