1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Конечно договор за реформа на Шенген

По долга дебата ЕУ постигна согласност за реформа на Шенген. При наплив на доселеници, одделна ЕУ-земја ќе смее да ги затвори границите. Сепак, ЕК ќе контролира националните влади да не ја злоупотребуваат ваквата можност

Државите на ЕУ, Европскиот парламент и Европската комисија конечно се согласни - земјите на Унијата во иднина ќе смеат да воведат гранични контроли доколку има наплив на илегални доселеници. Согласноста е постигната по долга дебата, вчеравечер (29.05) во Брисел. Со новата „клаузула за итен случај“ практично се исполнува централно барање на Германија. Сепак, мерките што националните влади ќе ги преземаат во оваа сфера ќе бидат надгледувани од страна на Европската комисија.

Затворањето на границите ќе биде можно за период до две години, но само во исклучителни случаи и како последно средство. Гранични контроли би се воведувале само доколку одделна Шенген-држава, и покрај помошта од ЕУ, не може веќе да ги заштитува своите надворешни граници со што „многу се загрозува“ внатрешната безбедност во другите држави.

Државите на ЕУ речиси две години водеа полемика со Европската комисија и Европскиот парламент околу реформата на Шенгенските правила. Еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром изјави: „Европската комисија ќе врши надзор и преку посети на лице место дали државите се држат до своите обврски и ќе внимава границите да не се затвораат неоправдано.“

Постигнатата согласност официјално треба да биде потврдена на средба на министрите за внатрешни работи на државите на ЕУ, наредната недела во Луксембург. Договорот треба да добие зелено светло од Европскиот парламент и државите на ЕУ, но тоа сега се смета за формалност.