1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кондолиза Рајс издејствува продолжување на мировните преговори на Блискиот исток

Најголемата придобивка од турнејата на американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс по Блискиот исток е ветувањето на двете страни во конфликтот дека ќе ги продолжат преговорите.

default

Шефицата на Стејт департментот Кондолиза Рајс со израелскиот премиер Ехуд Олмерт


Преговорите што ги водеше шефицата на американскиот Стејт департмент беа тешки. Обете страни имаа услови за продолжување на мировниот процес. Така претседателот на Палестинците Махмуд Абас бараше од Израел прво да потпише примирје по големата операција во Појасот Газа, во која животот го загубија преку 120 Палестинци. А израелскиот премиер Ехуд Олмерт бараше прво радикалниот Хамаз да престане со ракетирањето на Северен Израел од Појасот Газа. Сега обете страни се откажаа од условите и го прифатија барањето на Рајс за продолжување на мировните преговори. Паралелно со турнејата на Рајс, на Блискиот исток големо внимание предизвика информацијата на едно американско списание дека САД подготвувале државен удар против Хамаз во Појасот Газа. Во уште неизлезеното априлско издание на магазинот „Венити фер„ имено стои информацијата дека американската администрација се обидела да ја собори владата на Хамаз. Станува збор за крвавите судири од минатата есен, кога припадниците на двете најголеми палестински организации Хамаз и Фатах водеа огорчени борби во Појасот Газа. При тоа силите на Фатах добиле засилување од 5.000 нови борци кои претходно биле обучени во Египет, а од таму добиле и модерно вооружување. Но, борците на Хамаз, кои пак добиваат поддршка и оружје од Иран и Сирија, го разоткрија планот на Американците и ги протераа приврзаниците на Фатах. Така американскиот обид за државен удар заврши со зацврстување на позицијата на Хамаз и дефинтивно преземање на власта во Појасот Газа. Статијата во списанието „Венити фер„ фрла нова слика врз блискоисточната политика на Џорџ Буш и дипломатските мисии на министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс.