1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кондолиза Рајс е задоволна со турнејата по Блискиот исток

Дали можат да бидат задоволни и арапските сојузници на САД од регионот? Коментар на Петер Филип.

Кондлиза Рајс со египетскиот колега Абул Геит

Кондлиза Рајс со египетскиот колега Абул Геит

Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс може да биде задоволна со резултатите од турнејата. Прво затоа што во торбата носи ветување од изрелскиот премиер Ехуд Олмерт и палестинскиот претседател Махмуд Абас за тројна средба. А освен тоа и‘ појде од рака да ги придобие и важните арапски земји од регионот за новата стратегија на американскиот претседател Џорџ Буш кон Ирак. Тие со својата декларација по средбата во Кувајт демонстративнио се ставија на страната на Вашингтон и ги поздравија идеите на Буш за стабилизирање на Ирак.

Тоа е така на прв поглед. Но, ако малку подлабоко погледаме, тогаш ќе забележиме дека Кондолиза Рајс не донесе никаков нов предлог за надминување на израелско – палестинскиот конфликт. Во тој контекст прашање е и што би донела најавената тројна средба во Вашингтон – ако гостите воопшто допатуваат.

Слично е и со арапската поддршка за идеите на Буш во врска со Ирак. Декларацијата што ја потпишаа осумтемина министри за надворешни работи Вашингтон во никој случај не би смеел да ја сфати како бланко-чек за американската политика во Ирак. Зашто, клучниот интерес на сите осум сојузници на САД е да му се стави крај на бесконечното насилство во таа земја и владата во Багдад да презема мерки и против вооружените милиции кои му припаѓаат на мнозинското шиитско население. Освен тоа тие сакаат американските војници што е можно побрзо да си заминат од Ирак, па дури ако за тоа е неопходно и привремено засилување на контингентот.

Освен тоа Вашингтон не би смеел погрешно да толкува уште еден елемент. Ниту една од осумте земји не сака американската војска од Ирак да се повлече преку Иран. Или со други зборови, никој не е подготвен да поддржи нова американска воена авантура во регионот. Џорџ Буш би направи фатална грешка, доколку ја пречуе таквата порака.

Конечно, во сите осум држави потписнички на декларацијата за поддршка на американската стратегија за Ирак, предовладува сунитското насление. Тоа значи дека сите одгледуваат скепса кон јакнењето на шиитското влијание во Ирак. Тие знаат дека тоа се должи и на нискиот степен на демократизација во земјата, па затоа за сега се ограничуваат на барањето за заштита на сунитите, кои во ерата на Садам Хусеин ја имаа власта во свои раце. Дали тоа е во склад со замислите на официјален Вашингтон – останува да видиме. За американската администрација во секој случај тоа би значело да ги отвори подобро ушите и за барањата на своите сојузници и традиционални пријатели во регионот и за ирачкото прашање, а не само за израелско – палестинскиот конфликт.