1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Конгресот на САД: во 2007-ма да се решава за прием на Македонија, Хрватска и Албанија во НАТО

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со резолуција усвоена синоќа ги повика лидерите на земјите на НАТО на претстојниот самит во Истанбул да договорат прашањето за проширување на Алијансата со прием и на Македонија, Хрватска и Албанија да биде разгледано на самит кој би требало да се одржи не подоцна од 2007-ма година.

Седиштето на НАТО во Брисел

Седиштето на НАТО во Брисел

Предлагачот на резолуцијата 558, конгресменот Даг Беројтер, рече дека планирањето на самит за проширување во 2007-ма година би обезбедило петгодишен циклус на проширување на НАТО, зашто три земји беа поканети да и’ пристапат на Алијансата во 1997-ма во Мадрид, а на сега примените седум земји поканата им беше упатена во 2002-ра на самитот во Прага. Беројтер истакна дека “верува оти ова се разумни рокови кои даваат време за НАТО да ги вклопи седумте нови членки, обезбедувајќи да не бидат заборавени трите преостанати кандидати”.

Во резолуцијата се истакнува дека Македонија, Хрватска и Албанија – земји вклучени во Акциониот план за членство во НАТО – ја потпишале Американско-јадранската повелба, потврдувајќи ја со тоа својата приврзаност кон вредностите и принципите на НАТО и желбата да придонесат за мир и безбедност во југоисточна Европа, како и настојувањата колку што е можно побргу да му се приклучат на НАТО.

Во резолуцијата посебно е издвоена Хрватска со оцена дека нејзината нова влада ја покажала “верноста кон спроведување на реформи и исполнување на условите за интеграција во евроатлантските институции, вклучувајќи ги и реформите нужни за членство во НАТО, како и дека дала војници за Меѓународните мировни сили во Авганистан што ги предводи НАТО”. Впрочем, како што укажува и агенцијата Хина, резолуцијата е резултат на агитирањето меѓу конгресмените на претседателот на Саборот Владимир Шекс и на министерот за надворешни работи Миомир Жужул за време на посетата на САД. Со дополнително хрватско лобирање во текстот е внесен и самитот на НАТО во Истанбул, кој во првобитната верзија на резолуцијата не беше спомнат. Така, сега на земјите-кандидати им се дава и повеќе од политика на отворена врата, бидејќи се воспоставуваат и рокови за пристапување кон НАТО.