1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кому навистина му служи развојната помош?

Филмот „Сладок отров“ на германскиот режисер Петер Хелер зборува за она што политичарите не сакаат да го слушнат. За безсмисленоста на некои проекти во земјите во развој.

Овој филм многумина, посебно во владините институции во Берлин, тешко ќе можат да го сварат. Документарниот филм „Сладок отров“, прикажан овие денови премиерно во германскиот град Хамбург, ја критикува државната хуманитарна помош за земјите во развој, посебно во Африка. Режисерот Петер Хелер поголем дел од својот живот го поминал во Африка и во својот филм на локалното население му дал да каже што мисли за европската хуманитарна помош за Африка. Резултатот е поразувачки.

Номади или рибари

Филмот е сниман долга низа години и во неколку африкански земји и на некој начин претставува анализа на економскиот и политичкиот развој во постколонијална Африка. Но од една, колонијална, населението во Африка преминало, како што вели режисерот, во еден друг вид на зависност.

„Мене отсекогаш ме ужаснувала зависноста и летаргијата во која населението во Африка западнало како последица на помошта за развој“, кажа Хелер по премиерата на филмот. Тој не ја осудува паушално помошта која доаѓа од богатите делови на светот во Африка како реакција на актуелните елементарни катастрофи како сушата. Но, тој ја критикува долготрајната помош од Запад која често не е прилагодена на потребите, но и на искуствата на локалните народи.

Во филмот „Сладок отров“ така се наведува на еден проект од Норвешката влада која имал за цел да направи, номадскиот народ Туркан на северот на Кенија да живее на едно место. Проектот во кој е вложено многу пари и во чиј склоп никнала фабрика за преработка на риба на брегот на едно езеро, во потполност пропаднал. Норвежаните едноставно се повлекле кога виделе дека од номадскиот народ за неколку години не можат да направат рибари со постојано место на живеење.

Профитираат западните компании

Но, најлошата последица која е дел од материјалната помош е, и филмот тоа јасно го покажува, трајната зависност на граѓаните на африканските земји од помошта од Запад. Вториот пример оди на сметка на германската влада која на западот на Африка со градење на еден мелиорациски систем предизвикала присилно преселување на голем број население и тоа во делови со помалку плодна земја. Проектот е сопрен на средина од планираното поради политичките промени во Германија и „префрлување на тежиштето“ на други проекти. Денес мажите од погодениот реон во голем број се илегално во Европа, а жените и децата дома гладуваат. Во филмот Хелер го остава населението само да сведочи за бесмислените и скапи проекти со кои Запад веќе со децении ја обезбедува Африка и во исто време се воздржува од вперување на прстот во виновниците. Но, во разговор за ДВ тој јасно од политичарите бара само едно: „Престанете со државна помош“.

Причини има многу. На сите треба да им биде јасно дека од неверојатно скапата машинерија за помош профитираат исклучиво компаниите на Запад. Наместо во Африка само да испраќа храна и така да се ослободува од вишокот и со тоа вештачки да ја држи цената на висина, ЕУ би требала да го помага локалното земјоделство. Вака бесплатната храна од Запад го уништува и она малку земјоделство кое постои на локално ниво. Потребна е подобра соработка со локалните невладини организации кои имаат подобар преглед на ситуацијата.

На крајот се поставува прашање: зошто над 600 милијарди долари помош за африканските земји во последните 50 години не вродиле со плод? Еден африкански новинар во филмот кажува: „Помошта ја уништува секоја мотивација бидејќи таа не поттикнува самоиницијатива“. Останатото го сториле локалната корупција и нестабилните политички системи. Но, еден африкански предприемач на крајот на филмот заклучува: „50 години по постигнувањето независност на голем број африкански земји дојде време за граѓаните на овие земји конечно да ја земат работата во свои раце, а не да чекаат помош“.