1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Кому му треба продолжената транзиција во Македонија?

Срѓан Керим смета дека транзицијата во Македонија трае предолго, пред се’ затоа што политичките и бизнис елити немаат интерес да ги прифатат јасните европски стандарди.

Д-р Срѓан Керим по изборот за Претседател на Генералното собрание на ОН

Д-р Срѓан Керим по изборот за Претседател на Генералното собрание на ОН

Д-р Срѓан Керим е пријател со огромен број светски државници и ѕвезди, што се должи на долгогодишната дипломатска кариера, почната уште во СФРЈ, а потоа продолжена и во Македонија. Почна како амбасадор во Германија, продолжи како министер за надворешни работи, а ја имаше и честа да претседава со 62-то Генерално собрание на ОН во 2007/2008 година. Веќе седум години е директор на „Медија Принт Македонија“, компанија ќерка на германскиот новински концерн WAZ, која ги печати и издава весниците Дневник, Утрински и Вест. Со д-р Срѓан Керим разговаравме за предолгата и мачна транзиција, за политиката и пријателите на Македонија, но и за европските стандарди што им се потребни како на медиумите, така и на многу други области во општеството.

Пријателствата треба да се негуваат

Разговорот со Керим го водевме во неговиот кабинет во зградата на МПМ, веднаш до левиот брег на реката Вардар. Во малиот, но вкусно уреден работен кабинет доминираат мноштво слики на нашиот соговорник со плејада светски државници, од монарси, претседатели, премиери до светски актерски величини.

Срѓан Керим стои на чело на ВАЦ групата во Македонија

Срѓан Керим стои на чело на ВАЦ групата во Македонија

Со добар дел од нив, вели, е личен пријател. На списокот што го наброја се најдоа американските претседатели Бил Клинтон и Џорџ Буш, шефицата на дипломатијата Хилари Клинтон, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, рускиот премиер Владимир Путин и германскиот канцелар Ангела Меркел. Пријателите вели, треба да се негуваат. Тие тешко се стекнуваат, а за тоа треба многу знаење и настојчивост.

„За Македонија премалку се знае“

Тој е сведок на низа настани и средби во изминатите 20 години независност, па некако природно изгледа повикан да одговори колку Македонија успеа да ја наметне и афирмира македонската приказна?

„Најстрашното сознание што можеш да го имаш излегувајќи на светскиот пазар е дека за Македонија многу малку се знае и тоа што се знае е површно, што значи дека Македонија има ужасна потреба постојано да ги запознава, брифира и бомбардира своите партнери и пријатели низ целиот свет за тоа што е Македонија, што работи, кои и се позициите, каде се движи. Тоа е нешто што мора да биде надворешен врвен приоритет и треба да се вложуваат големи средства во тоа“, вели Керим.

Кому му пречат европските стандарди?

Керим смета дека транзицијата во Македонија трае предолго, пред се’ затоа што политичките и бизнис елити немаат интерес да ги прифатат јасните европски стандарди:

„Во овој макотрпен период на транзиција Македонија беше оптоварена со многу илузии и грешки, кои се правени во континуитет и затоа и ја забавија на патот кон ЕУ и НАТО. Инаку, реално зборувајќи, сите тие слабости да беа на време решавани, а не беа нерешливи, Македонија уште денеска ќе беше членка на ЕУ и НАТО“, смета Керим и додава:

Керим на доделувањето на одликувањето од германскиот Претседател Хорст Келер во германската амбасада во Скопје

Керим на доделувањето на одликувањето од германскиот Претседател Хорст Келер во германската амбасада во Скопје

„Мислам дека и во политичките и во бизнис елитите кај нас има сериозни грешки и отпори кон тоа да бидеме дел од таа интеграција, затоа што така можат прво, да го задржат својот монопол, и второ, да ги задржат различните привилегии што себе си ги даваат, без легитимитет од граѓаните. Сите тие фактори придонесоа Македонија се’ уште да се врти во кругчиња пред портите на ЕУ и НАТО, а како шлаг на тортата ни дојде и проблемот со Грција за името“.

Консензус за проблемот со името

Во однос на прашањето за името со Грција, Керим смета дека треба да се демонстира највиско ниво на единство и консензус и сите да влечеме на иста страна, без разлика кој е на власт, а кој е во опозиција, затоа што тоа е менлива категорија. Друго, освен тоа, не може да биде повисок државен приоритет на Македонија. Тоа е школски пример како ние не умееме за овие 20 години да се однесуваме државнички и соодветно на она што се нашите главни и државни приоритети.

Европски странадри за новинарството

Керим веќе седум години е на чело на компанијата Медија Принт Македонија, која се обиде да воспостави поинакви, западни стандарди во новинарството. Дали успеа со оглед на актуелните случувања на македонскиот медиумски пазар?

„За жал во новинарскиот дел ние не успеваме до крај, иако се обидовме и сакавме тие европски стандарди да ги наметнеме. Со самиот факт што дозволивме компанијата да не се меша во уредувачката политика, сметавме дека тоа ќе им даде полна самостојност и независност на редакциите. Но, испадна дека тој простор што ние го ослободивме го зазедоа други од надвор, ниту надлежни, ниту имаа права и функции во системот, туку го користеа преку поединци, уредници, врски.

Македонските весници не ги исполнуваат европските стандарди

Македонските весници не ги исполнуваат европските стандарди

Па така доживевме и гротескни ситуации кога ќе се обратевме за наша работа до редакциите таму да се крева прашина и врева дека се мешаме во политиката, а ние само сакавме мешањето од страна да го минимизираме и елиминираме“, вели Керим и додава дека состојбата во македонското новинарство е огледало на вкупната состојба во Македонија.

Брзоплети решенија

„Како и во секоја друга гранка или поле на активност во државата и за медиумите важи истото, дека е едно да се има квалитети во рамки на нашите перцепии, а сосема друго е да се има стандарди кои ги бара светот. Ние зостануваме и не сфаќаме дека македонските стандарди на квалитет и работење се далеку од европските и светските. Кога тоа ќе го сфатиме и кога ќе си го признеме, тогаш ќе бидеме успешни. Тоа не важи само за полето на медиумите, туку и во многу други гранки како туризмот, угостителството, науката и образованието....“ Според него, пред се’ не треба да се брза и да се оди преку трупа.

„Постојано се бараат кратки патишта или бај-пасови. Со бај-пас се лекува само болно и дефектно срце, а на здраво срце тоа не чини, затоа што ќе го разболи на тој начин. А ние тоа постојано го правиме, постојано се бараат кратки патишта, брзи решенија или дефектни решенија, само за да се имаат решенија, а тоа не е добро“, нагласува д-р Срѓан Керим.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Горан Чутаноски