1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кому му се потребни мажи за ситни авто-поправки?

Еден авто-сервис во Берлин нуди бесплатни курсеви за ситни поправки на возила. Иако курсот е наменет и за мажи и за жени, припадничките на понежниот пол се далеку поблагодарни посетители, за разлика од горделивите мажи.

Жени се обучуваат за поситни поправки на автомобили. Вежбаат во овој авто-сервис во Берлин. Како прва доброволка се јави Линеа Браун, која работи во служба за итна медицинска помош. Таа бргу се задиша менувајќи тркало.
Жената може и сама, дури и кога станува збор за автомобилот.

„Многу е поедноставно кога можете сами да направите.“, вели една посетителка на курсот. Друга пак се надоврзува: „Не мораш да го молиш сопругот или момчето, кога знаеш: ’Можам и сама‘.“

Курсот за поправки е бесплатна услуга на авто-сервисот и е наменет и за мажи, и за жени.
„Со господата е вака: секој веќе нешто поправaл и тие повеќе не советуваат нас, отколку ние нив. А девојките многу знаат и можат, но не се осмелуваат, мислат дека сѐ е сложено и компликувано, а воопшто не е така.“, вели автомеханичарот Гералд Ајзенак.
Старт на моторот со помош на кабли е следната лекција, која вклучува и мала претстава.

„Важно е да се изолирани. Има и кабли кои не се. Ако не се изолирани, со нив теориски би можеле да ја заварите целата каросерија.“, објаснува автомеханичарот
Но дамите сега веќе не се плашат од тоа. За физички напорното менување тркала има и алтернатива: за 40 евра се купува мал компресор кој гумата ја полни со лепак, па не морате воопшто да ја менувате. По правило таа издржува до најблискиот сервис.
„Сега, кога и самата го направив, го сметам за многу поедноставно. Претходно се плашев. Подобро е отколку менување тркало.“, вели една посетителка на курсот.

По тричасовниот курс и Линеа Браун е значително посигурна.

„Беше супер, успеав. Навистина, со нивна помош, но ако затреба мислам некако и сама ќе се снајдам.“