1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Компјутерските игри се сериозен бизнис

Во Келн во неделата (21.08) заврши Гејмском 2011, најголемиот саем за компјутерски игри во светот. Секој „гејмер“ можеше да на лице-место да ги испроба најновите игри за компјутерите, конзолите и мобилните телефони.

default

Бомбастичната музика на отворањето на овогодишниот саем за компјутерски игри во Келн не можеше да го прикрие фактот дека годинава тој не понуди ништо спектакуларно. Иако дигиталните игри стануваат се` побрзи и пообемни, а оптиката се` поостра, благодарение на техничкото оптимирање, не може да се зборува за нови концепти во дигиталната разонода.

Според информациите на софтверските инженери, секој трет Германец постар од десет години игра игри на компјутер, конзола или на мобилен телефон. Во речиси секое второ германско домаќинство со деца се играат електронски игри. Нивната константна потреба за нови предизвици ја задоволуваат десет илјади креативци, кои работат во браншата за дигитални игри во Германија. Минатата година тие остварија промет од речиси две милијарди евра.

Самиот саем, пак, изобилуваше со суперлативи. На Гејмском 2011 се претставија рекорден број излагачи, меѓу другото од земји кои годинава првпат учествуваа. Пред се`, значително зголемен е бројот на прекуокеански излагачи. Гералд Безе, менаџер на Келнскиот саем, ги набројува новите учесници: „Имаме излагачи од Кина, Франција, Иран, Кореја, Канада, Холандија, Скандинавија, Тајван и од Мексико, кои годинава првпат се претставуваа.“

Очекувањата за идниот развој на браншата, пак, се поделени. Германскиот сојуз за информатика, телекомуникации и нови медиуми, или накратко Битком, предвидува стагнација оваа година. Но, веќе догодина работите можат да бидат подобри. Ралф Хауптер од Сојузот истакнува:

„Намалувањето на прометот веќе не е така силно, за 2012 година веќе очекуваме да забележиме плус.“

Flash-Galerie Gamescom Köln 2011

Гејмском - рај за љубителите на компјутерски игри

Игрите се` повеќе се дистрибутираат онлајн

Причината за таквите прогнози е тоа што во првата половина од 2011 година продажбата на игри веќе е зголемена за еден процент, во однос на лани. Софтверските инженери, за разлика од Битком, очекува браншата уште оваа година да забележи раст на профитот за три проценти. Според Олаф Волтерс од Сојузот на инженерите на интерактивен сотфвер, тоа се должи пред се` на новите начини на пласман на производот. Имено, се` поголем број луѓе не ги купуваат игрите во продавница, туку преку интернет:

„Значајно е тоа што бележиме раст во дистрибуцијата преку интернет за 45 проценти. Тоа значи дека моделите за онлајн бизнис функционираат се` подобро.“

Сепак, во профитот не учествува само софтверот, туку и хардверот. Во тој домен дури може да се зборува за заситување на пазарот, истакнува Ралф Хауптер од Битком:

„Дојде до промени во векот на траење на конзолите за играње, односно тој стана подолг. Ако порано на секои пет години на пазарот излегуваше нова конзола, во меѓувреме тој период се зголеми на седум до осум години.“

Автор: Дирк Кауфман / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска