1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Компликации околу можната помош за Кипар

На Кипар му е итно неопходна меѓународна помош за да спречи државен банкрот. Во моментов се разгледува барањето за помош на владата во Никозија. Но истовремено испловуваат и големи тешкотии.

Кипар е најмалата земја членка на ЕУ. И покрај тоа, спасувањето на оваа островска држава од банкрот би можело да биде многу комплицирано. Министерот за финансии на Кипар Васос Шарли рече дека на земјата и‘ е потребен кредит во висина од најмалку 17 милијарди евра. Генерално погледнато тоа е далеку помалку во споредба со помошта за Грција, Португалија и Ирска.

Меѓутоа, ако тоа се набљудува од аспект на економскиот учинок на Кипар, тие 17 милијарди се огромна сума. Всушност толку изнесува брутодомашниот производ на земјата. ЕУ се’ уште не гарантираше толку голема сума. Но тука постои уште еден можеби и поголем проблем. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) имено, како што јавува германскиот весник „Зидојче цајтунг“, бара од Европејците во отписот на долгот на Кипар да учествуваат и приватните доверители. ММФ имено наведува дека без такво нешто Кипар и покрај сите мерки на штедење и реформи нема да може да го поднесе товарот на долговите. Без отпис на долгот, наведува весникот, ММФ нема да учествува во пакетот за помош на Кипар.

Отписот на долгот на Грција - исклучок

Отпис на долгот досега е одобрен само еднаш - за Грција, на почетокот на годинава, и тоа по долги и макотрпни пеговори со банките. Владите на земјите-членки на ЕУ тогап неуморно нагласуваа дека Грција е особено тежок поединечен случај и затоа нема да има други отписи на долгови. Ако даденото ветување сега биде прекршено и доверителите уште еднаш би морале да се откажат од своите побарувања, повторно би била загубена довербата во европската монетарна унија. Инвеститорите во тој случај би морале да стравуваат дека истото нешто би можело да се случи и со други далеку поголеми земји како Шпанија. Учеството на ММФ во помошта за кризните држави е од исклучителна важност за земјите кои се ориентирани кон стабилност, како Германија и Холандија. Тие веруваат дека ММФ, кој ширум светот е познат по своите строги критериуми, ќе се погрижи за поголема дисциплина. Дури и самата закана дека ММФ би можел да не учествува во помошта би можела значително да го зголеми притисокот врз Кипар да ги реши проблемите кои доведоа до тешката ситуација.

Тешка одлука за ЕУ

А колку Кипар веќе сега се наоѓа близу понор, покажува предупредувањето на службеникот во министерството за финансии на земјата Христос Пакалидас. Тој пред неколку дена во парламентот во Никозија изјави дека „доколку земјата во наредните неколку дена“ не прими 250 до 300 милиони евра, таа нема да биде во состојба да ги враќа долговите.

Во секој случај ќе минат уште неколку недели пред првите банкноти да стигнат на островот. Во моментов т.н Тројка, која ја сочинуваат Европската Комисија, Европската Цантрална Банка и ММФ, ја испитува состојбата на Кипар. На крајот од јануари конечна одлука треба да донесат министрите за финансии на еврозоната. Се’ уште не е сигурно дека тие ќе ја одобрат помошта. Политичките потешкотии се во тоа што Кипар, како земја која некогаш имаше многу ниски даноци, има изградено масивен банкарски сектор, кој потоа поради финансиската и економска криза западна во неволја. Кипар на другите земји со високи даночни стапки секогаш им беше трн в око. Освен тоа, отсекогаш постоеја и сомнежи за перење пари. Спасувањето на кипарските банки за земјите кои ги даваат кредитните сретства би значело со парите на своите даночни обврзници да се поддржува конкуренцијата. Но ако, од друга страна, се дозволи банките на Кипар да пропаднат, тогаш постои ризик земјата да го загуби најважниот економски столб. Последици би биле голема невработеност и рецесија. ЕУ во секој случај стои пред тешка одлука.