1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Комитетот на ЕК го поздрави напредокот во Македонија

Претставниците на Европската комисија кои учествуваат на состанокот на Мешовитиот Комитет за стабилизација и асоција се огласија со позитивно соопштение во кое е нотиран напредок во повеќе сфери во Македонија

default

Домаќините од Македонија побараа итно да биде донесена одлука за преминување во втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Од дводневната контрола на постигнувањата дадена е прилично избалансирана оценка и препораки како понатаму.

“Комисијата го поздрави постигнатиот напредок во бројните области по добивањето на препорака за преговори, во исто време охрабрувајќи континуирани напори за да се одржи темпото на реформите“.

Извори од СДСМ за Дојче Веле тврдат дека гостите од Брисел изнеле забелешки на политичкиот дијалог, јавната администрација, битката против корупција и енергетскиот сектор. Во официјалното соопштение е употребена следнава формулација:

“Комитетот за стабилизација и асоцијација ги охрабрува македонските власти да ги усвојат измените на Изборниот законик и да го ажурираат Избирачкиот список. Во однос на политичкиот дијалог, се поздравува минатогодишното усвојување на Законот за Собрание, но се бара усвојување на измените на собранискиот Деловник.

Натаму поздравен е напредокот на реформите во полицијата, и охрабрени се напорите за реформи во правосудството. Констатиран е напредокот на полето на реформите во јавната администрација, особено со усвојувањето на измените на Законот за државни службеници и Законот за јавни службеници.

Ќе се ограничуваат привремените вработувања

Поздравена е определбата, договорите за привремени вработувања значително да се ограничат и за соодветните работни места да се спроведуваат транспарентни постапки за вработување во согласност со Законот за државни службеници. Двете страни се согласија да се формира посебна група за јавна администрација, согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација, со цел за справување со нерешените прашања.

Во енергетскиот сектор, Комисијата го поздрави постигнатиот напредок во изготвувањето на новиот Закон за енергетика и ги потврди направените напори за понатамошно усогласување на Законот за енергетика со европските прописи. Гостите од Брисел истакнаа дека Македонија треба да ги решава отворените прашања согласно Договорот за енергетска заедница.

автор: Горан Петрески

редактор: Борис Георгиевски