1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Комисијата на чекор до целта?

Македонскиот претседател Иванов е задоволен што власта и опозицијата водат дијалог за расчистување на настаните од 24 декември. Претседателот во оставка на Комисијата, Давитковски, е оптимист - до в петок ќе има решение.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, изразува задоволство што власта и опозицијата уште еднаш покажаа посветеност и доблест да седнат на заедничка маса, како и волја за дијалог и за изнаоѓање заедничко решение за расветлување на настаните пред и на 24 декември 2012 година.

Иванов, велат од Кабинетот на Претседателот за МИА, очекува од сите инволвирани страни до крај да бидат конструктивни и одговорни и да ги исполнат преземените обврски, со цел Комисијата во најбрзо време успешно да ја заврши работата и да биде усвоен извештајот, кој ќе даде соодветен одговор и препораки.

„Настаните пред и на 24 декември, во и надвор од Собранието, мора да бидат разјаснети и вакви настани и сценарија повеќе не смеат да се повторуваат. Пред се‘, затоа што интересите на државата во ниту еден случај не смеат да бидат жртва на тесно-партиските интереси и дневната политика, особено не на интересите на поединци и затоа што тоа го заслужуваат и го очекуваат граѓаните на Република Македонија од сите нас. Конечно, затоа што е потребно да се дадат сите домашни аргументи во полза на европската интеграција на Република Македонија“, оценува Иванов.

Тој уште еднаш порачува дека обврска на сите политички партии е оваа ситуација да биде надмината, да бидат усвоени и спроведени препораките на Комисијата и политичкиот дијалог да се одвива во рамки на државните институции.

Давитковски: Мислам дека сме многу блиску до решение

Претходно, Борче Давитковски, претседателот во оставка на Комисијата за расветлување на настанатите од 24-ти декември, изрази оптимизам:

„Мислам дека сме поблизу да најдеме решение“, изјави тој денеска (21.08) откако заедно со странскиот експерт Петр Ванхаусен се сретна со претставниците на двете најголеми парти во земјата.

Mazedonien Gorge Ivanov bei der PK mit NATO Anders Fogh Rasmussen in Brüssel

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов

Давитковски и Ванхаусен претпладнето, прво од 10 до 11,30 часот имаа средба во Клубот на пратениците во центарот на Скопје со претставниците на најголемата опозициска партија СДСМ, а потоа во исто времетраење средба која заврши малку по 13 часот, со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ги усогласуваме разликите. Мислам дека сме многу блиску да најдеме заедничко решение и евентуално в петок да ве повикаме (новинарите) да го потпишеме заедно извештајот“, рече Давитковски.

Тој изрази оптимизам и за повторни разговори со претставниците на двете парти за утре.

„Сe‘ уште сум оптимист. Утре продолжуваме со работа. Денешните разговори ќе им ги презентирам утре (на претставниците на партиите), кога Комисијата ќе се сретне во комплетниот состав. И доколку се усогласиме, ќе ја завршиме работата“, рече Давитковски.

Петок е рокот кој си го зададоа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев до кога треба да биде изготвен извештајот за настаните во и пред Собранието на 24-ти декември 2012 година. СДСМ, според најавите на лидерот Заев од вторникот, инсистира да се утврдат уставни прекршувања при отстранувањето на пратениците од опозицијата и новинарите од пленарната сала во текот на седницата на којашто требаше да биде донесен Буџетот за 2103 година, откако на претседателот на парламентот, Трајко Вељановски му беше оневозможено да ја започне седницата, а пред Собранието полицијата интервенираше во обидот да спречи блиска средба на насобраните демонстранти од СДСМ со групата приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, исто така собрана пред Собранието. Премиерот Груевски, вчера изјави дека очекува социјалдемократите да ги надминат теснопартиските интереси.