1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Комисијата за антидискриминација не живее овде

Од нејзиното востановување до денес, Комисијата покажа дека не може да функционира како независно тело, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Комисија за заштита од дискриминација е селективна, пристрасна и не функционира како независно тело, оценуваат експертите за човекови права. Како последен доказ го посочуваат отсуството на реакција по изјавата на министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој одговарајќи на ставови на ЛГТБ популацијата изјави: „...Сметам дека за едно дете да биде правилно развивано, треба да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот“. Со таа изјава министерот јавно ги дискриминира децата без еден или двајца родители, деца на разведени родители, деца кои живеат во семејна заедница во која едниот родител не е биолошки, посвоените или децата кои живеат со старатели.

Spiro Ristovski

Проблематична изјава на министерот Спиро Ристовски

Неколку граѓански здруженија веднаш реагираа на ваквиот став. „Со оваа изјава министерот ги дискриминира сите деца и форми на заедници и семејства во кои децата добиваат неопходна грижа, љубов и внимание”, укажа Мрежата за заштита од дискриминација. Реакции стигнаа и наредните денови, но не и од Комисијата за заштита од дискриминација, финансирана од државниот буџет.

Претплатникот е исклучен

Отсуството на реакција не е поради страв од министерот за труд, тврди претседателот на Комисијата, Душко Миновски, кој воедно е и вработен во Министерството за труд. „Сметаме дека поради општествениот контекст во кој беше дадена изјавата, министерот немаше намера да ги дискриминира децата“, вели Миновски, кој турка втор мандат како претседател на Комисијата. Незадоволство од оваа седумчлена комисија, датира уште од нејзиното формирање на крајот од декември 2010. година, кога спротивно на меѓународните стандарди, Собранието за нејзини членови изгласа претставници на државни органи. Веб-страницата на Комисијата подолг период е статична. Бројот на претставки е „замрзнат“ на 42, со назнака дека податоците се ажурираат еднаш месечно, но последната промена е направена пред една година - на 17.10.2011. На страницата не постои никаков телефонски број за контакт, а кога ќе го добиете од службата за информации на Телеком, автоматската секретарка ве информира: „Претплатникот е исклучен“. Миновски признава дека Комисијата неколку месеци нема телефон и интернет поради неплатени сметки и чека Министерството за финансии да им префрли пари за да ги платат. Комисијата претпоследен пат се огласи во јавноста со соопштение на 25 јули годинава, по повод изјава на лидерот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски, дадена на партиски собир: „Неготино, некогаш една од најубавите општини во Македонија, денес наликува на еден голем дом на кој му е потребно генерално чистење, а за тоа е најдобра женска рака“. Комисијата оцени дека таа изјава не само што претставува дискриминација, туку уште потежок облик- повеќекратна дискриминација.

Селективен пристап

Уранија Пировска од Хелсиншкиот Комитет  за човекови права на Република Македонија, вели дека Комисијата покажа дека не може да функционира како независно тело. „Тоа е последица на фактот дека нејзиниот претседател воедно е вработен во Министерството за труд, а другите членови се избрани по партиска линија. Одлуките на Комисијата се главен показател за селективниот пристап и определеноста да не се утврдува дискриминација кога станува збор за акт на извршната власт. Последната изјава на министерот Ристевски, за која реагираше и Фронтот за слобода на изразувањето, според Комисијата, воопшто не содржи дискриминаторски елементи, што јасно говори за нејзината пристрасност и необјективен пристап во одлучувањето“, вели Пировска.

Во првите месеци од примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација, речиси беше невозможна мисија да се пронајде седиштето на Комисијата за да се поднесе претставка. Состојбата не е многу изменета ни откако зградата на МРТВ беше промовирана како нејзино седиште. „Комисијата воопшто не е пристапна - се наоѓа на 20 кат во зградата на МРТВ, а лифт има до 19 кат, што е недозволиво за ваков клучен механизам за заштита од дискриминација“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Ако Комисијата и самата е финансиски или технички дискриминирана во однос на условите за работа и го толерира тоа, тешко е да се очекува дека таа ќе има капцитет слободно и непристрасно да одлучува за други, заклучуваат експертите за човекови права.