1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Комесарот Филе ја откажа посетата на Скопје

Еврокомесарот за проширување е разочаран од политичкиот ќорсокак во земјата и предупредува дека тој ја става во ризик можноста за отворање преговори со ЕУ.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе ја одложи посетата на Македонија најавена за наредната недела поради, како што посочува, „актуелниoт политички ќорсокак во земјата“.

„Во контекст на дијалогот на високо ниво планирав да го посетам Скопје следната недела за да го разгледаме прогресот на реформите во врска со интеграцијата во ЕУ. Оваа четврта рудна од дијалогот на високо ниво, исто така, требаше да биде дел од подготовките на Европската комисија за претстојниот извештај на ЕК, како што беше побарано од декемврискиот состанок на Советот за општи работи на ЕУ. Но, во светло на сегашниот политички ќорсокак, сметам дека мојата посета за разговори на овие прашања би била несоодветна во ова време“, наведува Филе во пишаната изјава до медиумите.

Тој истакнува дека преку јавните соопштенија и изјави, неговата и посетите на високи официјални претставници кои понудија да бидат олеснувачи во процесот на изнаоѓање решение, ЕУ и нејзините партнери искажаа загриженост во врска со случувањата од 24 декември и нивното расчистување.

„Јас сум фрустриран од недостигот на прогрес за ставање крај на политичкиот ќорсокак. Претходните рунди од Дијалогот на високо ниво и декемвриските заклучоци на Советот создадоa можност за натамошен напредок на реформите поврзани со евроинтеграцијата и за отворање на пристапните преговори. Сегашната ситуација ја става во ризик таквата можност“, наведува Филе.

Тој порачува дека сега императив на политичките лидери во Скопје е да преземат одговорност и да најдат решение, демонстрирајќи зрелост на демократските институции и ставајќи ги на прво место интересите на државата и нејзините граѓани.