1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Комерцбанк: Спасувај се кој може

Кредити за кризната бродоградба, ризични хипотеки за банкротираниот град Детроит. Угледната германска банка Комерцбанк е секаде каде што се губат пари! Но без грижа, германските даночни обврзници ја плаќаат цената.

 „Зошто граѓаните немаат повеќе доверба во банките?“, се прашува веќе со недели во една ТВ-реклама шефицата на една филијала на Комерцбанк. Секако, многу модерно, во текот на утринскиот џогинг низ бизнис центарот во Франкфурт. Рекламата добива нови димензии, ако малку подобро погледнете на потезите кои во моментов втората по големина банка во Германија, ги направи во последите години.

Помош од даночните обврзници

На прашањето од почетокот на приказната одговара адвокатот и заштитник на акционерите на споменатата банка Клаус Нидлинг. „Минатата година на собирот на акционери нѐ уверуваа дека треба да се насочиме кон бродоградбата. Тоа е секогаш така, прво се колнат во некој проект, а потоа се постапува потполно поинаку“, се жали Нидлинг на постапките на раководството на банката.

Промашените потези на управата во Комерцбанк имаат традиција. За време на купувањето на Дрезднер Банк пред 4 години управата исто така се фалеше со овој потег како бизнис на векот. Но, тогаш дојде кризата и државата со даночни пари мораше да го спасува банкарскиот џин од пропаст. „Никој не сакаше да слушне за ризиците иако беа повеќе од очигледни. По неколку месеци Комерцбанк беше на работ на стечај и за тоа не беше виновна кризата туку потполно промашените потези на менаџментот“, вели независниот финансиски аналитичар Дитер Хајн.

Листа на пропаднати проекти

Епилог на грешките на менџментот: во 2009. Комерцбанк е спасена со државни средства и тоа во висина од 18 милијарди евра. Банката спаѓа во категоријата на банки, кои во стручниот жаргон се опишуваат како "too big to fail" значи преголеми за да се допушти да пропаднат, бидејќи со тоа, така барем веруваат политичарите, би била предизвикана уште поголема штета. Потоа државата стана косопственик на банката со сопственички удел од 25 процени.

Листа на пропаднати проекти на банкарскиот џин не престанува со купувањето на Дрезден Банк. Тука е уште и кредитирање на скапи проекти за бродоградба во момент кога веќе никој не се интересира за таа бранша, како и кредитирање на Детроит, град во финансиски проблеми. Комерцбанк стана ноќна мора која ја финансираат даночните обврзници. Вредноста на акциите на оваа банка од 2008 наваму се намали за 95 проценити односно од 140 на 6 евра за акција! Еден дел од акциите државата неодамна ги продаде, секако со голема загуба.

Во моментов, помалку од 2 месеца пред парламентарните избори, никој во сојузната германска влада не се осмелува да ја спомене Комерцбанк, па така е запрена и натамошната продажба на акции на банката во пропаѓање. Многумина се надеваат дека Комерцбанк, која моментало поминува низ бурни реформи, кога-тогаш би можела да закрепне, што логично би влијаело и врз растот на вредноста на акциите.

Зошто не е сменето раководството на банката?

Реформите обично значат кратење на трошоците, а тоа се по правило работниците. Но ни масовните отпуштања не гарантираат дека Комерцбанк ќе се извлече од проблемите. Затоа и не е чудна огромната нетрпеливост кон управата на банката, која можеше да се почувствува на последното заседавање на акционерите.
„Неспособни во одела“, беше еден од поблагите извици за менџерите на бина. Дека сегашното раководство е само сидро кое го отежнува закрепнувањето на банката, веруваат и независните аналитичари. „Би било најдобро да се исфрли комплетната управа и да се заменат со потполно нови луѓе, кои немаат никаква врска со промашените потези во минатото“, вели аналитичарот Дитер Хајн. Тој смета дека истото би требало да го побара и самата држава, бидејќи е најголем акционер. Меѓутоа, пред изборите не е пожелно никакво кревање вревање околу чувствителната приказна во врска со државата и со Комерцбанк.