1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Коментар: Од момче за пример до проблематично дете

Со неговиот стил на владеење турскиот премиер ги оптоварува турско-европските односи. Ако меѓу Анкара и Брисел се скине врската, ќе биде тешко повторно да се закрпи, предупредува Баха Гунгор во својот коментар.

За првпат по пет години Реџеп Таип Ердоган беше во официјална посета на Брисел. Но, за разлика од веќе одамна избледените времиња на одлични турско-европски односи, овојпат немаше чукање по рамо ниту пофални зборови за турскиот премиер - како на пример порано при демократските реформи. Напротив, претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој и претседателот на Комисијата на ЕУ, Жозе Мануел Барозо, го критикуваа се‘ повеќе анти-демократскиот стил на владеење на нивниот гостин од Босфорот.

Несразмерната употреба на сила против мирните демонстранти, инструментализацијата на правосудството против интелектуалците, новинарите или поранешни официри и последното масовно казнено преместување на полицајци и државни обвинители за да се запре истрагата против корупцијата на Европејците им го покажуваат другото лице на религиозно-конзервативниот политичар.

Недемократската страна на Ердоган е одбележана од недостиг на способност да ја прифати критиката на неговата личност, како и сомнежот за корупција против неговото политичко, но и против неговото приватно опкружување. Оној кој го обвинува правосудството дека во контекст на напорите за расветлување на корупциската мрежа подготвувало пуч против него, не смее да се чуди кога неговите домаќини во Брисел го потсетуваат на поделбата на власта како фундамент на демократијата.

Речиси 60- годишниот турски премиер од аспект на ЕУ се разви од момче за пример во проблематично дете. Ако досега беше фален за тоа, дека својата земја ја изманеврира со многу мали повреди од светската економска криза до спасувачкиот брег и истовремено не ја загрози традиционалната шпага меѓу демократијата и исламот, денес мора да слуша обвинувања, како на пример слабеење на демократиските институции.

Штета, што речиси никој повеќе не се интересира, каква е иднината на преговорите за пристап меѓу Турција и ЕУ, започнати пред девет години. Но, токму овие преговори на Турција ѝ даваат можност за натамошни реформски чекори, и исто на ЕУ можност да спречи Турција да се оддалечи од европските вредности и норми. Затоа и покрај сите спротивставености во никој случај не смее да се скине врската меѓу Анкара и ЕУ - и поради тоа што договорот за Асоцијација потпишан уште во 1963. година обврзува на компромис.