1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Коментар: Меркел продолжува, но со нов партнер

Црно-жолтата коалиција е отфрлена на изборите, но црвено-зелената нема мнозинство. Но, Ангела Меркел може и натаму да владее како канцелар. Координатите на политичкиот систем значително се променија, смета Уте Шефер.

Deutsche Welle Chefredakteurin Ute Schaeffer altes Format

Уте Шефер

Канцеларката може да остане, но ќе се промени владата што таа ја предводи. Ангела Меркел, чија партија ЦДУ со 42 процента е избрана како најсилна во новиот состав на Бундестагот, доби налог да формира влада. Но, таа остана без нејзиниот либерален партнер. Демохристијаните, судејќи според сѐ, ќе ја раководат Германија во наредните четири години - сосем сами или заеднички со социјалдемократите.

Бонусот на Меркел како канцелар беше недостижен, а нејзината партија ЦДУ профитира од угледот на својот врвен кандидат. Таа го постигна најдобриот изборен резултат за последните 20 години. Исходот истовремено донесе историски пад на помалиот партнер во владата: ФДП (либералите) пред 4 години влезе во владата со дотогаш најдобар изборен резултат од 14 проценти, а сега веќе нема да биде застапена во Бундестагот. Тоа е најдолна точка за партијата и вистински преломен пункт во политичкиот пејзаж на Германија, оти либералите беа застапени во Бундестагот од основањето на Сојузната република во 1949 година.

Меркел-политика е можна и со социјалдемократите

Сосем очигледно е дека успесите на владината коалиција се оценети како успех на канцеларката. Германија има најниска стапка на невработеност во Европа, солиден стопански пораст, пониско ниво на задолженост. Сето тоа постигнато без најголемиот дел од Германците да биде осетно погоден. Тоа ги убеди избирачите. Тие сакаа континуитет, стабилност и безбедност - а тоа го гарантира Ангела Меркел. По осум години на функцијата, може да се зборува за невообичаена политичарка. Таа консеквентно ги освои централните теми на опозицијата: поголема социјална праведност, растоварување на семејствата, укинување на воената обврска, невмешување во конфликтите во Либија или Сирија, започнување пресврт во сферата на енергијата. Владината коалиција во последните четири години на хартија навистина беше граѓанска, но кај многу теми таа водеше социјалдемократска, понекогаш дури и „зелена“ политика. Чист прагматизам - тоа е принципот на Меркел, и тоа е популарно!

За Меркел - сосем очигледно и за нејзините приврзаници - не би претставувал проблем продолжување на работата во една голема коалиција. Напротив, заедно со социјалдемократите секако би било полесно да се стави под контрола отпорот на Бундесратот - претставништвото на федералните покраини - во кого доминираат црвено-зелените. Во моментов Бундесратот блокира донесување важни закони.

Ерозија на партискиот систем

Германскиот политички пејзаж е во преломна фаза. Координатите се поместија. СПД и Зелените не можат да бидат задоволни со резултатот. И покрај тоа што Пер Штајнбрик, врвниот кандидат на СПД, во последните недели видливо почна да ја намалува разликата, партијата можеше да постигне само за три проценти подобар резултат и стигна до 26 проценти. Тоа е помалку од очекуваното. СПД се бори да го одржи статусот на народна партија. Тоа од една страна се должи на фактот дека канцеларката во својата политика си ги присвои социјалдемократските теми, а од друга, дека СПД не можеше уверливо да ги пласира своите теми. Трета по големина партија во Бундестагот, четвртина век по повторното обединувње на Германија, стана Левицата - партија наследничка на некогашната источногерманска Единствена социјалистичка партија на Германија. Евроскептичната Алтернатива за Германија ги собра сите избирачи кои гласаа од протест, дезориентираните и разочараните од сите политички табори.

Надвор од комотната зона

Односот на силите темелно се промени. На што се должи тоа? Многу партии, а првенствено зелените и либералите, се занимаваа пред сѐ самите со себе. Избирачите немаа разбирање за суетни персонални дискусии и анти-теми како покачување на даноци. Предизборната борба помина без големи страсти и контроверзи. Ефект на таа политика без позабележителни разлики беше дека секој трет избирач до пред самото гласање не знаеше за кого да се определи. И канцеларката, како и опозицијата, својата политика ја претставуваа како сервис на граѓаните. Наместо политички дебати, имаше осмислена реклама за политичкииот продукт. Овој тренд не ја погодува само Германија, но политиката овде денес е помалку политична, отколку во минатото. Германија во 2013 година удобно си се смести во комотната зона!

Важни прашања за иднината чекаат на одговор

Во кризните и во соседните земји изборите за Бундестагот беа сметани за „избор кој решава за Европа“. Многу од соседите на Германија очекуваат поумерен, помалку строг курс во менаџирањето со финансиската криза, ако со Германија владее голема коалиција.

Но, ова беа избори кои решаваат и за важни прашања за иднината во Германија. Како да се обезбедат пензиите во Германија која старее? Како да се финансира енергетскиот пресврт? Каков став да заземе Германија спрема кризата во Сирија? И, каква е всушност, надвор од чисто кризниот менаџмент, германската политичка визија за проширена Европа? Тука политичките предизвици за Германија се многу поголеми, отколку што одговорните досега сакаа да сфатат. Германија, најголемата економија во Европа и четврта по големина во светот, си се раскомоти и се занимава самата со себе. Во секој случај, многу успешно.

Креација, а не само политичко управување

Задача на политиката е врз тие теми да го сврти вниманието на избирачите и на оние кои не гласаа, да повика на дискусија и заземање ставови. Демократијата е постојано наново издејствување на компромиси. Тие, како што е познато, произлегуваат од различни позиции, се резултат на дебата. Сметам дека политиката мора повторно да стане политична. Задача на новата влада, за чиј состав ќе се преговара во наредните денови, е Германија не само да биде политички управувана, туку и креирана.