1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колку јазици знаеш, толку повеќе вредиш

Трета година по ред, во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Охрид, се организираат бесплатни курсеви за учење албански јазик. Интересот е голем, велат во црквата. Побудите да се учи албанскиот јазик се различни.

default

За учење јазик никогаш не е доцна

Октомвриска, не толку топла квечерина во Охрид. И додека ноќта го покрива градот, а црковните храмови тонат во мрак, во црквата „Свети Ѓорѓи“ горат кандилата, свеќите и светилките во соседните простории. И не само на празник, за тага и радост. Приоритетната верба во Бога, црковните лица ја проширија и со неколку форми на соработка со месното население. Се органзираат бесплатни курсеви по англиски, германски и италијански јазик. „Во духот на мултиетничноста и толеранцијата на која учи христијанството и православието, годиниве наназад беа организирани и курсеви по влашки, турски и особено имаше интерес за албанскиот јазик“, вели отец Диме Кочоски.

„Ние со Албанците, така да речам, сме сожители. Заеднички соработуваме на некој наин да изградиме една заедница различна по вероисповед, по култура. Тоа се два народи. Тој интерес ние не можеме да го запоставиме. И така започнавме. Создадовме можности, најдовме професор.“

Курсот го посетуваат луѓе на различна возраст - едни заради бизнис, други...

Влегуваме во трпезаријата на црквата . Тука се одржуваат курсевите. Луѓето се на различна возраст. Курсот е бесплатен, црквата ја плаќа професорката. Пред предавањето се пие кафе, или чај. Василка Ристеска е од Пустец, Албанија. Учела во Корча и сега го држи курсот по албански во Охрид. „На почетокот имавме и по 90 курсисти, сега бројот е помал - околу 30. Но, ќе ни‘ се приклучат и нови лица. Албански ќе учиме цели 8 месеци“, додава таа.

Karte von Kosovo Serbien Albanien und Montenegro

Да се познава јазикот на другиот носи само предности

„Големо богатство е јазик да знаеш.. Во Македонија живеат Албанци и луѓето мора да знаат и да разбираат, барем најосновното. Сега почнавме со наједноставните работи – азбука, броеви. Од јануари, кога ќе имаме продолжителен курс, ќе учиме повеќе граматика.“

Жаклина е патронажна сестра. Секојдневно е на терен. Го учи албанскиот за да може полесно да ја заврши професионалната обврска: „Имам време и едноставно ме интересира јазикот, а и поради работата. Влегуваме во куќи во коишто живеат Албанци. Се оди на одмор во Албанија веќе неколку години. Доаѓам тука за да се снајдам во секојдневниот живот и колку што ќе можам да го научам албанскиот. “

Полезно е да се научи албанскиот, вели невработениот политиколог Горан: „На сите огласи за работа на коишто сум конкурирал имате предност ако имате познавање од албански јазик, покрај англискиот. Ова особено важи за работа во Скопје, или во Западна Македонија. Мислам дека ние кои сме во соседство на Албанија, на само неколку километри и треба да ги „урнеме“ границите и да се запознаеме едни со други. Мислам дека меѓу луѓето владеат многу предрасуди. Така, познавањето на јазикот на другиот, би довело до поголемо разбирање. Ова е добро и од аспект на бизнис-релациите.“

Степенот на толеранцијата можно е да се почуствува и по зачестеното присуство на лица кои не се православни христијани, но влегуваат во црквата „Свети Ѓорѓи“ и едни покрај други го учат јазикот на соседот, а со тоа ја учат и неговата култура.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска