1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колку Фондот за ПИОМ е доходовен?

Македонскиот пензиски систем наскоро може да доживее колапс, доколку не биде суштински реформиран. Ова предупредување доаѓа од експертите, кои сметаат дека промени како зголемување на придонесите се неопходни.

default

Фабрика за шиење

Во Македонија во моментов 616 илјади лица се вработени, 277 илјади го остваруваат правото на пензија, 309 илјади луѓе бараат работа. Овие бројки за земја со два милиони жители доволно покажуваат дека државата е соочена со голем предизвик. Како да се одговори на обврските? Во услови на економска криза станува се’ потешко навреме да се обезбедат пари за плати на административците и пензионерите. Експертската јавност предупредува дека ваквата состојба влијае негативно пред се’ врз пензискиот фонд. Без суштински реформи, фондот за пензиско и инвалидско осигурување наскоро нема да може да одговори на обврските, предупредуваат експертите.

Универзитетскиот професор Марија Зарезанкова, предупредува дека со слаба економија и гломазна јавна администрација, не може да се очекува фондот да биде доходовен. Таа смета дека владата треба да води конзистентна политика, но и да размислува за одредени промени, како на пример зголемување на придонесите, или на старосната граница за пензионирање, по примерот на земјите од ЕУ.

Rentner Tirana 2

Еден од начините за поефикасна наплата на придонесите беше системот за бруто плата. Една ипол година од воведувањето, концептот кој имаше идеја да го урне црниот пазар на труд не ги дава посакуваните резултати. Во јавниот сектор, придонесите на вработените се уплаќаат регуларно. Но во приватниот, се’ уште се случуваат манипулации: „Секој месец платата ја добивам дел на картичка и дел во готово. Пријавен сум на минималец, а останатиот дел го добивам во готово. На кого да се пожалиш, можеби ќе останеш без работа, а можеби и не“. Во оваа изјава на нашиот соговорник вработен во приватна фирма за жал се наоѓаат се поголем број македонски граѓани.

Слабите контроли, еден од проблемите

Од синдикатот реагираат дека главниот проблем се слабите контроли и непостоењето законска обврска кај приватните работодавачи за вградување на надоместокот за храна и

Mazedonien Gewerkschaften Proteste

Протести на синдикалците

превоз во бруто платата. Колкав е бројот на работниците на кои им се исплаќаат придонеси, кои не одговараат на реално исплатената плата, во синдикатот немаат точни податоци. Тие се свесни дека на терен постојат разни облици на манипулации вели за Дојче веле Маре Анчева генерален секретар на синдикатот на индустрија, енергетика и рударство. „Концептот на бруто плата пред се’ значеше утврдување на повисоки основици за пресметка на придонесите и соодветно полнење на буџетот по тие основи. Од друга страна тоа треба да доведе до поголемо пензиско портфолио на вработените, повисоки пензии, би требало да значи подобро сервисирање на фондот за здравствено осигурување и така натаму. Вие секојдневно слушате колку не можат да се користат здравствените услуги заради немање сини картони кои ги нема поради тоа што не е навреме платен придонесот.“

Владата минатата година воведе огромни казни за непријавување работници кои се движеа до 17 илјади евра за правни и пет илјади евра за физички лица. УЈП блокираше илјадници фирми кои редовно не ги подмируваа придонесите. Од неодамна казните владата ги преполови како дел од мерките за подобрување на бизнис климата. Од синдикатот сметаат дека казните не се вистинскиот одговор. Апелираат на поефикасни контроли за заштита на правата на работниците. Инаку во Македонија старосната граница за заминување во пензија е 62 години за жени и 64 за мажи.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска