1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колку сме сигурни седум години по нападите врз САД?

Седум години по терористичките напади врз САД, исламскиот тероризам се’ уште не е победен, иако просторот за негова активност е сериозно стеснет.

default

Јужната кула на Светскиот трговски центар во моментот на уривањето на 11. септември 2001

Од шокот од 11. септември изминаа седум години, во кои страшните слики од запалените кули близначки на Светскиот трговски центар не се избришани од нашето сеќавање. Илјадниците жртви не се заборавени секако ни во САД, кои во меѓувреме доживеаа голема трансформација. Америка од предводник на „слободниот свет“ се претвори во поим за високо-квалитетен безбедносен апарат. Како и за многу други работи примерот на САД се прошири по многу земји од Западниот свет, кои повеќе или помалку не најдоа одговор, како ни Америка, на тоа која е реалната мерка по прашањето на безбедносните мерки и колку од граѓанските права и слободи треба да им бидат жртвувани. Како последица од тоа нашето секојдневие е проткаено со шпионирање на обичните граѓани, натамошно профинување на методите за надзор и контрола, како и поострени мерки на безбедност во јавниот сообраќај – посебно на аеродромите.


На Ал Каеда и’ се поткусени крилата


Под притисок на Американците меѓународната заедница вложи големи напори во борбата против тероризмот, вклучувајќи ја и војната во Авганистан. Поради сите тие мерки, експертите денес сметаат дека таков или сличен напад како оној од 11. септември терористичката мрежа на Ал Каеда не може да повтори. Нејзините терористички структури се под постојан притисок на тајните служби, а загрозени се и нејзините бази за одмор и тренинг во пограничниот појас меѓу Авганистан и Пакистан.


Мешан биланс во исламските земји


И во други земји имаше успеси. Така Либија, која важеше за подржувач на тероризмот, во меѓувреме се дистанцираше од него. И во земји како Јемен, Сирија или Саудиска Арабија во голема мера се исушени мочурливите структури што го поддржуваа тероризмот. Но, има и знаци на назадување, како на пример во Авганистан, каде Талибанските бунтовници стануваат се' посилни и го загрозуваат и до сега релативно безбедниот север на земјата. Исто така и во Алжир од неодамна повторно се случија крвави атентати, што ги изведоа групи блиски до Ал Каеда. А и сојузите против теророт со земји како Русија и Кина во меѓувреме се покажаа како порозни, посебно во такви ситуации кога централните влади на обете големи земји се чувствуваа повикани со воена сила да ги задушат етничките тензии во одделни региони.


Она што особено ги загрижува експертите за безбедносни прашања, тоа е можноста терористите да се многу блиску до поседување атомско оружје. Тоа би можело да дојде во нивни раце или преку остатоците од поранешниот атомски арсенал на Советскиот Сојуз или пак со посредство на непресметливите земји како Северна Кореја, кои би можеле терористите да ги снабдат и со уран и со атомска технологија.


Конечното решение лежи во борбата со сиромаштијата


Но, во суштински смисол најголемиот проблем е сиромаштијата и бесперспективноста на широки слоеви од населението во многу исламски земји. Секој нов невработен во Авганистан, на пример, кој мора да го прехранува семејството преку работа на нелегалните полиња со афион, се наоѓа во голема опасност да стане дел од востанието на Талибанците против ИСАФ силите. Само ако Западните земји успеат да ги подобрат општите услови за живот и работа во Авганистан, Пакистан и слични земји, само тогаш може борбата против меѓународниот тероризам да има дологорочен успех. Седум години по нападите врз САД уште сме многу далеку од таквата цел!