1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колку се сигурни германските мензи?

Бран цревни инфекции го зафати истокот на Германија, трагата води до училишните мензи кои се снабдуваат од големите добавувачи на храна. Властите и научниците дебатираат дали опасноста лежи во масовното производство.

Речиси девет илјади луѓе минатите денови се јавија на лекар поради стомачни тегоби. Реномираниот институт „Роберт Кох“ соопшти дека е во прашање најголемата епидемија во историјата на Германија предизвикана од храна. Стручњаците веруваат дека за стомачните болки и проливите на илјадниците млади е виновна храната во училишните кантини и градинките. Сепак, точната причина за стомачните инфекции останува и натаму непозната.

Секој трет ученик јаде во менза

Фирмите кои се занимаваат со доставување храна во последно време се‘ повеќе заработуваат од соработката со училиштата и градинките. Причина се реформите во повеќе германски сојузни покраини со кои се воведува целодневна настава. Освен тоа, во последните шест години за 50 проценти порасна бројот деца кои до доцните попладневни часови остануваат во дневниот престој во училиштата. Тоа значи зголемен број деца упатени на ручек во училишните мензи, секое трето дете јаде во кантина.

Снабдувувачите пак се‘ повеќе храната ја произведуваат машински и масовно. Најголема фирма во браншата е Содексо која дневно подготвува 200 илјади оброци за над две илјади училишта и градинки ширум Германија. Содексо храната ја произведува во 65 големи кујни и потоа ја транспортира до училиштата. Сепак, има се‘ повеќе мали производители и со тоа пазарот станува непрегледен, објаснува Улрике Аренс-Азеведо, нутриционист:

„Пазарот е многу расцепкан. Постојат триесетина големи снабдувачи со храна, а покрај нив мноштво средни и мали регионални понудувачи“.

Дали контролата е гаранција за квалитет?

Снабдувачите главно склопуваат договори со општините кои по правило се надлежни за јавните училишта. За инспекциите меѓутоа се надлежни самите покраини. Хајдрун Франек која е одговорна за контролата на прехранбените производи во покраината Бранденбург, го истакнува постоењето дополнителни правила за производителите на храна за деца:

„Сепак, зачестеноста на контролите во одредено претпријатие зависи од чувствителноста на производите и целната група на која тие производи и‘ се наменети. Тоа значи почести контроли на оние кои произведуваат храна за мали деца“, вели Франке за Дојче веле.

Би било погрешно мислењето дека сега инспекциите секојдневно влегуваат во производните погони. Како што вели за Дојче веле Мартин Милер, претседател на Сојузот на контролори на прехранбените производи, фирма со големина како Содексо со контроли е соочена отприлика четири пати годишно. Инспекциите се ненајавени, а под лупа се става се‘ - работниците, машините, производите, фрижидерите, магацините.

„Во големите кујни најголем ризик е чувањето на храната и намирниците на несоодветна температура“, објаснува Милер.

Затоа тој посебно инсистира производителите сами да вршат интерни конторли, на крај, тие самите сносат одговорност за квалитетот на храната која ја испорачуваат.

Мала опасност при испораката

При превозот на оброците до училиштата и градинките посебно е важно придржувањето до пропишаните температури, за да не се создаваат и шират бацили. Така салатите мора да се чуваат на пониска температура од седум степени, а топлите оброци мора цело време по производството и во текот на транспортот да бидат на повеќе од 65 степени. Надлежните сепак ги повикуваат и крајните корисници, училиштата и градинките, да ги преконтролираат температурите по испораката. Милер овде не гледа големи проблеми, денес температурата во текот на испораката лесно се контролира. Покрај тоа, хигиената во големите кујни е се‘ подобра.

„Единствен ризик е во производството на многу оброци. Одделни состојки се наоѓаат во многу чинии, така што, ако нешто не е во ред, веднаш заболуваат многу лица“, заклучува Милер.