1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колку се младите религиозни?

Тешко е да се дојде до вистински податоци за тоа колку од младите во Македонија и се посветени на православната религија, односно веруваат во Бога. Експертите меѓутоа бележат дека бројот на млади верници е во пораст.

default

Антон Серечи од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи за тоа колку младите во Македонија се религиозни забележува: „За жал конретни податоци немаме, ние како комисија за односи со верските заедници во Р. Македонија. Но, од пракса, од искуството кое го имам, слободно можам да кажам дека во Маедонија, за жал имаме определба на верската припадност според националната припадност или обратно. Што се оденесува со младите, тие се се’ повеќе заинтересирани да се запознаат со својат религијата, но за жал во Македонија пропадна идејата и донесениот закон за вероучение во системот за образование“, вели Серечи, заменик директор на комисијата.
Што велат студентите и средношколците
Впечаток е дека побројни се оние кои веруваат во Бога.
Што е тоа што ги приклонува кон христијанската верисповест?
„Јас сум верник. Не сум некој фанатик спрема црквата и религијата, но сум верник на некое основно ниво“.
Младите велат дека семејствата се главниот фактор, кој кај нив ја поттикнува блискоста со црквата.
„Влијание имаат пред се домашните. Ги почитуваат верските обичаи и традиции, и јас сум гледал како функционираат и стекнав некое основно познавање за религијата и црквата“.
„Прво дома, дека така ме воспитувале. А, второ зошто гледам колку сатанисти има низ градов, па решив да се обратам кон религијата.“
„Сам, онака од чиста совест. Кога ќе замислиш дека има некој горе и не контролира, нормално дека ќе имаш и стравопочит кон него“.
Црквата „Св. Јован Бигорски“

Црквата „Св. Јован Крстител“

Колку од времето младите минуваат во верските храмови?

„Православните храмови ги посетувам за најголемите празници. Околу три до четри пати годишно“.
„Секој ден“.
„Кога имам време.“
„Посетувам многу ретко. Само за празници“.
А, околу прашањето на веронауката, како дел од програмата во училиштата, тие размислуваат на следниов начин:
„Веронаука би требало да се изучува за да се стекне основно познавање. Да се запознаат обичаите спрема црквата. Но, треба да се изучува факултативно или изборно“.
„Мислам дека треба да се изучува од причина што многу деца се необразовани и не знаат кога се празниците, како се празнуваат, итн. Мислам дека треба да се учи, и тоа треба да биде наша основна култура“.
„Учениците ако сакаат да изучуваат веронаука, нека изучуваат. Тоа е нивен избор. Или пак нека биде изборен предмет како што е Етика. Кој сака да посетува“.
Каков е интересот за теолошкото училиште и факултетот?
Кога е во прашање православната вероисповест, од 1968 година во Скопје работи средното Богословско училиште Св. „Климент Охридски“. Училиштето секоја година запишува 17 ученици, кои се школуваат 5 години во услови на интернатски живот.
Теолошки факултет - Скопје

Теолошки факултет - Скопје

Матурантите од ова училиште можат веднаш, без приемни испити да продолжат со студии на теолошкиот факултет, кој е основан во 1977-та година. За тоа каков е интересот на младите за запишување на Православниот Богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, зборува Билјана Петковска, дипломиран теолог, шеф на студентските прашања: „Секоја година, освен завршените богослови кои доаѓаат да се запишат кај нас на факултет, од средното богословски училиште во Драчево, конкурираат и се запишуваат и голем број на кандидати од другите училишта во Републиката. Претежно тоа се матуранти со завршена гимназија и од музичките училишта“.

Бројот на млади верници е во пораст, сметаат експерти
На што се должи ваквата појава, побаравме толкување од социологот Татјана Стојаноска,
Татјана Стојаноска

Татјана Стојаноска

чии магистерски труд ја истражуваа оваа тема: „Веќе имаме една генерација на млади кој растеле во 90- тите години, кога религијата влезе во сферата на јавниот живот. Имате голем процент и на изградба не верски објекти, медиумски се популаризираат религиските празници, дел од политичката елита почна јавно да ги прославува тие религиски празници. Затоа имате една генерација која во голема мера, со право можеме да кажеме дека се религиозни “.

Но, младите повеќе ја познаваат формата, но не и содржината на религиската практика и ритуалите, објаснува Татјана Стојаноска: „Младите го практицираат тоа, но не ја знаат суштината на тој тип на религиски обред или религиска практика. Мислам дека тука треба малку да се посвети внимание, таа е таа дискрепанца во однос на нешто го правам ама не знам кои се причините зошто тоа го правам. Дел од младите кога практицираат нешто тоа го прават од помодарство“, вели Стојаноска, и истакнува дека најголем процент од младите се рационални и ритуални верници, но многу малку од нив се догматски тип на верници, односно верници кои прифаќаат се што учи нивната религија.
Автор: Владимир Калински
Редактор: Симе Недевски