1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колку политиката на едно дете е хумано планирање на семејството?

Според пресметките на ОН бројот на луѓе во светот до 31 октомври ќе порасне на 7 милијарди. Би имало уште неколку стотини милиони повеќе, ако Кина, земјата со најмногу жители не презеде мерки за планирање на семејствата.

china

Ако не се воведела кинеската политика за планирање на семејствата, бројот на жители во светот сега ќе бил поголем за неколку стотини милиони

Во Кина над 30 години е на сила стриктна демографска политика, која дозволува раѓање само на едно дете. Некои социјални проблеми се решени со тоа, но се создадени многу поголеми.

Кон крајот на 70-тите години по т.н. Културна револуција, кинеската економија се наоѓала пред колапс. Владеела сиромаштија, секој немал кров над глава, а и имало поголема работна сила, отколку работа. Владата стравувала дека нема да може долгорочно да го прехрани своето население, доколку продолжи неограничениот раст на населението.

Само едно дете, по можност машко

Nordkorea - Entbindungsstation einer Frauenklinik

Во кинеските болници освен раѓања на бебиња, се прават и присилни абортуси

За да спречи таков развој на настаните, Кина во 1979 година донесе закон за контрола на раѓањата. Професорот по социологија од Универзитетот во Пекинг, Жоу Ксиаоженг се потсетува на промената во начинот на размислување.

„Мао Це Тунг негувал апсурдно уверување дека земјата е толку посилна, колку што има повеќе жители. По Културната револуција и смртта на Мао, режимот што ја презел власта покренал сосема поинаква офанзива“, вели Ксиаоженг.

Од тој момент секое семејство што живеело во град можело да има само по едно дете. Две години подоцна, комунистичките властодршци т.н. политика на едно дете ја прогласиле за најголем внатрешен политички приоритет. Политиката, според која семејствата во големите градови смеат да имаат само едно дете, е на сила и денес. Второто дете е дозволено само доколку првото има пречки во развојот или, пак, ако починало. Во руралните подрачја едно семејство смее да има најмногу две деца и во случајот ако првото дете од женски род. Сиромашните етнички групи не подлежат под контролата на раѓање.

Kинеската политика за едно дете претставува важен придонес во успорувањето на растот на светското население“, наведува кинеската државна Комисија за планирање на семејството. Додека во 70-тите години една кинеска жена имала во текот на својот живот по 5,8 деца, тој број сега изнесува 1,8. Без спроведувањето на оваа политика во Кина во минатите 30 години би биле родени околу 400 милиони деца, стои во официјалните податоци.

Schulkinder China Flash-Galerie

Семејствата во Кина смеат да имаат второ дете, ако првото им е со пречки во развој или починало. Во руралните места е дозволено второ дете, ако првото е женско

Дневно по 500 самоубиства

Но, во спроведувањето на својата демографска политика, властите не се ослонуваат само на соработката со граѓаните, туку посегнуваат и за подрастични мерки, како присилен абортус. Официјални податоци за овие случаи нема, но медиумите шпекулираат со бројка од 13 милиони присилни абортуси годишно.

Реџи Литлџон, правничка и основачка на Организацијата за заштита на човековите права „Права на жените без граници“ со седиште во САД, смета дека политиката на едно дете нема многу врска со хуманото планирање на семејството.

„Да се научат луѓето да го успорат порастот на населението е една работа. Да се присилуваат жените на абортус, а притоа и да се убиваат новородените бебиња, е нешто сосема друго. Според мое мислење, оваа политика на кинеската влада претставува насилен чин и масовна повреда на правата на жените“, нагласува Литлџон.

Американската организација сведочи за случаите во кои жените во напреден стадиум на бременоста биле грабнувани и носени во клиники на присилен абортус. Литлџон наведува факт дека Кина е земја со најголем број на самоубиства меѓу жените. Дневно 500 жени си го одземаат животот.

„Присилниот абортус претставува чепкање во приватната сфера. Со тоа се навредуваат човековите права на една жена“, смета Литлџон, која ја повикува кинеската влада да престане со оваа пракса. Таа исто така апелира до меѓународната заедница да изврши притисок врз Пекинг.

Автор: Ксиегонг Фишер/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска