1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Колку пари добива црквата од државата?

Плановите за скапата бискупија во Лимбург иритираа многумина. Скандалот обелоденува дека црквите во Германија не мора да ги објавуваат своите финансии. Освен тоа тие добиваат премногу пари од државата.

Околу 460 милиони евра од државната каса добија католичката и евангелистичката црква во Германија во 2012 година. Оваа поддршка која тие ја добиваат секоја година, т.н. дотација има историски корени. На почетокот на 19. век црквите загубија голем дел од својот имот со т.н. секуларизација. Наполеон во цела Европа го оттуѓи имотот на црквите. За тоа оттогаш ним им се плаќа дотација, утврдена преку договори со Ватикан.

Висината на обештетувањето се разликува од една до друга покраина. Тоа е утврдено со устав - како реликт од Вајмарското време и т.н. Рајхсконкордат: Договорот од 1933 година со кој се регулираат односите меѓу Германскиот рајх и Римо-католичката црква.

SPD - Ingrid Matthäus-Maier

Ингрид Матеус-Мајер

Овие уредби всушност веќе одамна требаше да бидат надминати, смета поранешната финансиска експертка од СПД и поранешна банкарска менаџерка Ингрид Матеус-Мајер: „Тоа е кршење на уставот“, вели политичарката во разговор со Дојче Веле и нагласува дека уште на почетокот на 19. век било планирано ова обештетување да се замени со еднократна исплата. Тоа што државата Германија до денес секоја година ѝ исплаќа милиони на црквата, е несовремено, вели Матеус-Мајер, која веќе долго се произнесува за поделба на црквата од државата.

Исто така и политикологот и публицист Карстен Фрерк смета дека дотацијата не е во согласност со уставот: „Уште Вајмарскиот царски устав го повика законодавецот, да им стави крај на овие државни давачки“. Но тогаш се случи големата инфлација за време на светската економска криза, дојдоа други проблеми и оваа тема веќе не беше на дневен ред.

Црквите како стопански претпријатија

460 милиони евра е всушност само мал дел од парите со кои држават ги поддржува црквите. Секоја година тие добиваат девет милијарди евра преку црковниот данок, кој го плаќа секој член и кој државата го собира за црквата.

Carsten Frerk Politologe Archiv 2007

Карстен Фрерк

Кога ќе се погледнат финансиите на црквите во Германија, според проценките на Карстен Фрерк произлегуваат повеќе големи области: приходи од црковниот данок и такси, од социјалните институции и сопствениот имот на црквата. Црквата, вели Фрерк во разговор со ДВ има многу извори на приходи - исто така и во области каде тоа воопшто не се претпоставува.

Црквата помага, но не плаќа за помошта

Двете големи христијански цркви управуваат со многу социјални институции, болници, детски градинки и старски домови. Само мал дел од нивната работа ја финансира самата црква, вели политиколот Фрерк. „Хуманитарните организации Каритас и Дијаконија имаат црковна квота од два процента. Тоа е она што црквата го дава за тоа. И тука е таа легенда, црквата прави толку многу добра. Таа прави, но не го финансира тоа“.

Голем дел од услугите, кои ѝ се припишуваат на црквата ги финансира државата, изнесува Фрерк. Притоа нема разлика меѓу евангелистичката и католичката црква. И двете добиваат пари од државата.

Сојузот и покраините плаќаат и за црквите и за вработените

Државата дури ги плаќа и платите на бискупите, вработените во црквите, како и изградбата и одржувањето на црковните објекти. Така на пример баварските надлежни финансиски служби пресметаа дека оваа покраина финансира 700 цркви со јавни средства. Трошоци: 40 милиони. Кон ова се дополнуваат 90 милиони евра за црковниот персонал во Баварија. При толку бројки им станува матно дури и на стручњаците, оти црквите преку специјална законска регулатива не се обврзани да ги обелоденуваат нивните финансии.

„Овде владее целосна нетранспарентност“, критикува Ингрид Матеус-Мајер: „Само дотацијата на Северна Рајна Вестфалија за католичката црква изнесува шест милиони евра. Но колку од овие пари се наменети за плата за келнскиот бискуп Мајснер, тоа не го знаат надлежните власти“, вели Матеус-Мајер. Исто така не се знаело точно, колку всушност е голем поседот на црквата, „иако црквата е еден од најголемите земјопоседници во Германија“. За политичарката неодржлива ситуација. „Тоа е јавна корпорација. Тие добиваат пари. Овие работи мораат да се стават на маса“.

Големите партии досега не ги допираа овие привилегии на црквата. Христијанските партии, вели Матеус-Мајер, бидејќи сакаа да ја задржат досегашната регулатива: „Другите, тие знаат дека тоа не оди така, но стравуваат да се замерат со црквата“. Оваа структура би можела тешко да се скрши, вели политичарката од СПД. Некои бискупии во меѓувреме реагираа на критиката. Хамбург, Есен, Минстер и Шпајер ги обелоденија нивните финансии.