1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колку (не)писмени има во Македонија?

Државаат зацрта до 2015 година целосна опфатеност на децата во основно и средно образование односно бројот на неписмени да со доближи до нула. Но, колку е тоа остварливо и што стои „отаде бројките“?

default

Земјата веќе го испроектира претстојниот период на својот општествено – економски развој во одделни области до 2015, а во некои и до 2017 година. Но, во сите анализи и истражувања за тие плански проекции недостасува еден важен показател: колкава е реалната елементарна неписменост во оваа земја? Според последните расположливи официјални, но од одамна надминати бројки од пописот во 2002 година, само 3,85 проценти од населението немало никакво образование.

12 проценти ’патем’ се изгубиле во образовниот систем

Mazedonien Familie Apostolovski

Најнејасна е состојбата со писменоста во селата

  Но, една студија од 2007 година под наслов „Училиште по мерка на детето – анализа на ситуацијата“, изработена за УНИЦЕФ од национален експертски тим од Македонија, имаше објавено резултати од анализи и теренски истражувања, според кои: „Додека во учебната 2001/02 година 92,5% од децата на возраст за основно образование биле вклучени во основното образование, анализата на вертикалното напредување на учениците покажува дека само 88,5% од учениците што пред осум години се запишале во основно училиште успеале да завршат осмо одделение во 2002/03 учебна година со својата генeрација – повеќето од оние 11,5% што попатно се 'изгубиле', сосема го напуштиле образованието.“.Дали оваа „попатна изгубеност“ во системот на образованието значи дека тие ученици во тие години не ја оформиле својата писменост, или можеби останале  и под нивото на елементарна писменост? Каква е, пак, ситуацијата во последниве години, дали има и колкав број такви ученици, особено во „најдлабоките“ селски подрачја во Македонија, каде што „царуваат“ сиромаштијата, големата неразвиеност и миграцијата кон градовите? Споменатата студија за потребите на УНИЦЕФ имаше констатирано: „Проблемот на опфатот и осипувањето на учениците во основното образование е најсилно изразен во селските планински средини, како и кај ромската етничка заедница, без оглед на местото на живеење.  Статистичките податоци говорат дека нема разлика меѓу момчињата и девојчињата во нивната вклученост во основното образование на национално ниво. Меѓутоа, девојчињата што живеат во рурални средини, кои можеби доаѓаат од семејства со понизок социо-економски статус и/или потекнуваат од определени етнички групи, се изложени на поголема опасност од исклучување од образовниот систем уште во текот на основното образование.“

Зоран Матевски, професор по социологија на образованието од Институтот за социологија на Државниот универзитет во Скопје, коментира:

„Точно, основна неписменост може да се сретне само во селски подрачја, но, каде што во многу голема мера, или, пак, комплетно демографски се празни тој базен. Таквите средини се длабоко опфатени со процесот на осиромашување и луѓето оттаму се иселуваат кон градските центри. Во тие неразвиени селски зони, концентрирани повеќе во источниот дел на државата, од такви причини нема младо население и не постојат училишта и други животни услови. Во тие региони може да се појави одреден процент на елементарна неписменост. Сепак, во Македонија големата исклученост на ромската популација од образовниот систем главно влијае врз појавата на неписменоста на рамниште на целата земја.“

Kind im Roma-Slum Shutka

 

Функционална неписменост

Хавзи Мустафа, професор од катедрата по албанологија и претседател на Форумот на интелектуалците – Албанци во Македонија, во една изјава дадена деновиве за албанскиот печат во земјата развива свој израз „функционална неписменост“ и притоа тврди: „ Ако се земат предвид околностите, како например, самоуките луѓе, вклучувањето на возрасните во образовниот систем, процентот на осипување на учениците од основните училишта и рамништето на техничко – технолошкиот развој, на хипотетички начин може да се констатира дека процентот на функционално неписмените луѓе во Македонија достига до 60 проценти. Ова само по себе алармира дека компетентните институции во земјата итно треба да преземат интервентни мерки, со цел да се спречи оваа појава.“

Љуљзим Муртезани, професор по социологија на Државниот универзитет во Тетово, се согласува дека постои неписменост, но не во алармантна мера: „Има одредени случаи, но, тие извираат од патријархалните семејства и од ’длабоките зони’, кои не се школувани. Од друга страна, во целина имаме низок степен на неписменост, бидејќи постои задолжително основно и средно школување.“

Ана Мицковска – Ралева, аналитичар за јавните политики во областа на образованието од Центарот за истражување и создавање политики, во изјавата за Дојче веле, на појавата на (не)писменоста во Македонија, гледа малку подиференцирано и покомплексно: „ Писменоста може да се дефинира на различни начини. Она што некогаш се сметало за писменост (познавање на буквите и способност за пишување) е одамна надмината дефиниција. Во последниве декади се повеќе се дава фокус на аспектите на разбирање – читање со разбирање, способност за се размислува критички, да се пишува јасно и сл. Вообичаено, статистиката за писмени ги смета лицата кои завршиле основен степен на образование и според тоа се стекнале со основите на писменост. Според Милениумските развојни цели, писменоста се дефинира како способност за разбирање на едноставна реченица од секојдневниот живот.“

Mazedonien Land und Leute Kinder in Skopje

Загрижувачки состојби кај 15– годишниците

Но, таа дополнува: „Ако се земе предвид покомплексната дефиниција, самото завршување на образованието не значи, односно, не гарантира и стекнување со вештини на критичко мислење и разбирање на напишаното. За проценување на овие аспекти се составуваат специјални тестови, од кои најпознато е PISA тестирањето, чиј еден дел има за цел да ја процени писменоста меѓу 15-годишниците од различни земји. Македонија има учествувано само во студијата спроведена во 2000 година, а не учествувала во последователните тестирања во 2003, 2006 и 2009. Резултатите се доста загрижувачки и нашите ученици се наоѓаат под просекот во поглед на постигањата во споредба со учениците од останатите вклучени земји. Учеството во тестирањата е значително скапо, што можеби е и причината поради која Министерството за образование одлучило да не учествува во последователните тестирања. Самото тоа укажува и на значењето кое им се придава на овие резултати.“

Во одделот за врски со јавноста на Министерството за образование деновиве не можевме да добиеме поексплицитна изјава, или пак, одредена фактографија за сегашната состојба со писменоста и неписменоста на населението во земјата. Затоа, птсетуваме само накусо на она што беше изнесено во програмата за развој на образованието на ова министерство до 2015 година, со поткрепа на статистичкиот годишник за 2004 година: „ Еден од клучните предизвици во идниот период ќе биде кревањето на рамништето на образованието на сите млади и возрасни, со посебна нагласка на зголемувањето на квалитетот на нивните стручно – работни и социјални компетенции. Анализата на лошата образовна структура на населението во земјата покажуваат дека од вкупниот број на лица над 15 – годишна возраст близу половината се лица кои не поседуваат никакво, или имаат само ниско ниво на образование, односно, се неписмени, со незавршено основно или само со основно образование. Ако на оваа група им се додадат лицата со завршено 3, или 4-годишно образование, тогаш може да се заклучи дека состојбата со образовната структура на вкупната популација во оваа држава е алармантна и оти не нуди воопшто оптимизам за идниот декономски и социјален развој.“

Straßenkind in Skopje, Mazedonien

Половината од населението во Источниот регион  - полуписмени

За да биде сликата позаокружена и со посвежи констатации, еве и неколку извадоци од актуелните програми за развој до 2015 година на два плански региона во РМ  Таа програма за развојот на Источниот плански регион до 2015 година, меѓу другото, наведува: „Речиси половина од населението од источниот регион е полуписмено. Анализите на образовната структура на населението од овој регион покажува фрапантни податоци за над 46 % луѓе без соодветно образование. Имено, 4,63 % од работоспособното население во истокот нема завршено никакво образование, а дури 31,96 % се само со основно. Аналогно на образованието за нивно вработување треба и соодветни работни места, зашто тие не се барана  сила на пазарот на трудот.“ Во развојната програма на југозападниот плански регион, пак, стои: „ Постојната состојба во однос на писменоста и образовната структура на населението не задоволува. Доминира и натаму населението со ниско ниво на образование. Повеќето општини во овој плански регион не располагаат со квалитетни човечки ресурси, неопходни за подинамичен социоекономски развој, тоа може да биде сериозен ограничувалки чинител во развојот на регионот.“

Се’ на се’, тековниот попис ќе треба да покаже не само колку има писмени, но и неписмени граѓани, туку и каква е воопшто образовната структура на населението. Со тоа ќе може да се согледа каков е „човечкиот капитал“, односно какви се конкретните ефекти од сите владини напори за задолжително основно и средно образование, како и за политиката „факултет за сите што сакаат и што можат“, без оглед на возраста.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски