1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Колку е реална опасноста од птичјиот грип?

И‘ се заканува ли на Европа, па можеби и на целиот свет, голема пандемија на грип со милиони мртви? Кристијане Хофман подготви коментар со дел од можните одговори на овие прашања.

default

Во мигов никој од експертите не може или не сака јасно и гласно да каже колку е реална опасноста по нашите животи. Дотолку повеќе простор има за разни сценарија и последователни однесувања, што се движат во дијапазонот од панично купување средства за вакцинирање против грип, од една страна, и мирно натамошно уживање во кокошкини копани, од друга.

При тоа би било полезно бурната дебата во јавноста да се раздвои на две тематски целини. Едно е опасноста што им се заканува на животните, поточно на живината. Таа е реална и голема, нема збор! Во последните две години во азиските земји мораа да бидат уништени преку 10 милиони животни за да се оневозможи натамошното ширење на вирусот. Овие мерки не донесоа задоволувачки резултати, бидејќи болеста и понатаму може да се шири преку птиците преселници – и тоа низ целиот свет. Затоа превентивните мерки, како онаа за обврзно затворање на живината во кокошарници, во секој случај се за поздравување.

Дали тоа ќе помогне и во колкава мера, останува да видиме. Во секој случај најверојатно нема да може да се спречи птичјиот вирус да стигне до сите делови на Европа. На „стариот континент„ меѓутоа постои добро разработен систем за сузбивање епидемии кај животните, така што последиците не мораат да бидат катастрофални. Но, тоа не е случај во регионите како што е Блискиот исток, на пример, или Источна Африка. Ако птичјиот грип стигне и до таму, овие земји ќе имаат огромни проблеми и непроценливи материјални штети. Ним им треба помош од развиениот Запад.

Сега и за вториот аспект во дебатата, имено, опасноста по човековото здравје. Среќа во несреќа е што човекот претставува своевиден ќорсокак за вирусот на птичјиот грип. Имено, тој се пренесува од животно на човек (дури и со фатални последици), но за среќа не и од човек на човек. При тоа многу важно е да се нагласи дека заразувањето се случува само ако човек дојде во директен контакт со крвта или изметот на живината, на пример при колењето.

Она што ги остава отворени портите за диви шпекулации е теоретската можност вирусот да мутира, да ја смени значи својата природа, и да почне да се пренесува и од човек на човек. Е, тука стануваат драматично реални сценаријата со милиони човечки жртви ширум светот. Научниците се особено нервозни бидејќи од статистичка гледна точка пандемија на грип веќе требаше да ни се случи. Таа се повторува циклично и експертите се плашат дека многу спомнуваниот вирус од типот Х5Н1 би можел да биде следниот супер-вирус. Таквиот развој меѓутоа е за сега само шпекулација на научните и посебно ненаучните кругови.

И како заклучок: што треба сега да се стори? Да се зголемат резервите на ефикасните вакцини од типот Тамифлу и Реленца, кои се за сега единствени што можат да не‘ заштитат. Тоа секако не е погрешно. Но, предизвикувањето немир, па дури и паника е секако погрешно. Играњето со прастравот на луѓето за сопствениот живот е и крајно неодговорно!