1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колку е навистина опасна Левицата?

Пратеници од Партијата на левицата и самата партија се набљудувани од страна на Службата за заштита на уставот со години. Последните информации за бројот на нејзини членови под „лупа“ ги шокираа дури и другите партии.

За новото возбудување околу старата тема се погрижи магазинот „Шпигел“, според чии информации 27 од 73 пратеници на пратеничката група на Левицата во Бундестагот и 11 други во покраинските парламенти, биле под надзор на Службата за заштита на Уставот. Ако е тоа точно, од ваквиот обем е изненадена дури и самата Левица. Дека социјалистите се во визир на Сојузната служба за заштита на Уставот може да се прочита во секој годишен извештај на оваа служба со седиште во Келн. Во последниот извештај, на партијата и’ се посветени 15 страници во поглавјето „лев екстремизам“. Меѓу другото, се вели дека Левицата под поимите како „плурализам“ собира сили „чија цел е темелна промена на досегашниот државен и општествен поредок“.

Der Vorstand der Linken-Fraktion im Bundestag, Beschattung der Fraktionsmitglieder

Раководството на пратеничката група на Партијата на левицата во Бундестагот

Истиот избор на зборови може да се најде и во партиската програма на Левицата, во која партијата се определува за стриктен антикапиталистички курс. Клаус Ернст, кој заедно со Гезине Леч од 2010 година е на чело на партијата, новата програма дури ја опиша како „најава за борба против односите што владеат и оние што се на власт“. Но, дека ваква реторика или егзистенција на „Комунистичка платформа“ се оправдание за под надзор да се стави цела партија, во тоа се сомневаат и политичари и експерти.

Професорот по право од Хамбург Матијас Клат за Дојче веле изјави дека прво мора да се разјасни дали „навистина има основа“, односно дали има стремежи насочени против слободарскиот демократски уставен поредок. Ако е тоа така, партијата, како што вели Клат, би требало да биде под надзор. Пратениците, меѓутоа, поради позицијата што им ја дава Уставот, треба да бидат поштедени

Heinz Fromm Präsident des Bundesamtes für Verfassungsschutz zur Neonazi-Verbunddatei

Хајнц Фром, претседател на Сојузната служба за заштита на уставот

од набљудување. Нивна задача, меѓу другото, е да ја контролираат работата на извршната власт, значи на Владата, што вклучува и контрола на безбедносните служби, чиј дел е и Службата за заштита на Уставот.

Разлика меѓу набљудување и надзор

За пратениците, и покрај ваквата позиција што ја имаат, да смеат да бидат набљудувани, мора да се докаже дека активно соработувале со екстремистички групации, вели професор Клат. Притоа, треба да се прави разлика меѓу набљудување и надзор со методи на тајни служби, како прислушување на телефонски разговори. Претседателот на Сојузната служба за заштита на Уставот Хајнц Фром редовно укажува дека Левицата е набљудувана врз основа на информации што се достапни за јавноста, меѓу кои и интернет страници и публикации од страна на струи во партијата, како и извештаи во весници.

Gregor Gysi zur Beschattung Fraktionsmitglieder der Linken

Грегор Гизи ќе испраќа писма до Вулф, Ламерт и Меркел

Левицата, во меѓувреме, добива поддршка од сите партии. Политичари на опозиционите СПД и Зелените, како и на владејачките либерали - ФДП, го критикуваат односот на Службата за заштита на Уставот кон социјалистите.

Владата чека

Шефот на пратеничката група на Левицата Грегор Гизи најави дека ќе испрати писма до Сојузниот претседател Кристијан Вулф, претседателот на парламентот Норберт Ламерт и канцеларката Ангела Меркел. Ламерт за социјалистичкиот весник „Нојес Дојчланд“ изјави дека претседателството на Бундестагот ќе расправа за темата. Сојзуната служба за заштита на Уставот доби поддршка од страна на Владата. Портпаролот Штефен Зајберт во Берлин укажа на задачите што според законот ги има службата. Сепак, треба се биде свесен дека постојано треба да се проверува „дали определени мерки се соодветни или не“. Слична изјава, уште пред години, даде и шефот на Службата за заштита на Уставот Хајнц Фром.

Автор: Марсел Фирстенау / Марлис Шаум / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска