1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Колку е меѓународен скопскиот Саем на книгата?

Во Скопје денеска (17.04.) завршува годинешниот Меѓународен саем на книгата. Меѓутоа, учеството на европски или светски издавачи, ако се исклучат оние од најблиското соседство, и овојпат е ограничено.

default

Во арената „Метрополис“ на Скопски саем денеска (17.04.) завршува 23. Меѓународен саем на книгата. Саемот годинава е под мотото „Подари книга, подари богатство‘‘ и за првпат е под покровителство на Министерството за култура. Саемот на книгата ги популаризира главно издавачките капитални проекти на македонските издавачи. Меѓутоа, освен македонските издавачи, организаторите многу малку направија за дирекно саемско учество на познатите европски и светски издавачки куќи. Со тоа единствениот македонски саем на книгата и понатаму останува многу далеку зад познатите европски и светски саеми на книгата.

Од странските издавачи - најбројни српските

И годинава на саемот, кој се декларира како меѓународен, штандови имаат само издавачките куќи од соседните држави, најмногу од Србија, Албанија и Косово. Една од нив е издавачката куќа „Езотериа‘‘ од Белград. Нивниот претставник Антон Потурица појаснува дека изложуваат исклучиво сопствени изданија на српски јазик, но прифаќаат и веќе издале две книги од македонски автори, кои напишале книги од областа на езотеријата, како астрологија, радиостезија и слични науки. „На овој саем, на кој учествуваме по шестипат, продаваме исклучиво книги од нашата издавачка куќа. Меѓутоа може да се случи ние, како издавачи, да склучиме и некоја зделка со заинтересирани автори, кои би сакале нивната книга да се објави кај нас. Ние тоа ќе го сториме единствено ако неговата книга е од областа на езотериа. Досега имаме објавено два наслова од македонски автори. Едниот беше за астрологијата, а вториот за радиостезијата“, појаснува Потурица.

Deutschland Buchmesse Leipzig 2011 Flash-Galerie

Ќе добијат ли македонските читатели пристоен саем на книгата?

Италијански штанд како освежување

Годинава на Саемот за првпат има и италијански штанд, на кој се претставени најпознатите издавачки куќи од Италија. Посебен осврт е направен на издавачките куќи од регионот на Пуља, од југот на Италија, појаснува за Дојче Веле Мари Анџела Бјанко Фиоре, Италијанка која македонски јазик студирала во Италија, а веќе шест години живее и предава италијански јазик во Скопје.

„Да, тука сме исклучиво со италијански книги од италијанските издавачки куќи ’Монтадори’,’Гарѕанти’, ’Фертинели‘, ’Рецоли‘ и други. Имаме изложено и една книга на Катица Кулавкова од македонски издавач, која е преведена на шест јазици меѓу кои и италијански. Преводот го направив јас, на што сум особено горда. Ова не е само штанд на италијански книги, тој претставува мост меѓу италијанската и македонската култура. Јас имам завршено македонски јазик и заедно со моите колеги од катедрата за италијански на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј‘‘ максимално ќе се ангажираме да преведеме што повеќе македонски автори на италијански јазик. Целта ни е да ја запознаеме италијанската читателска публика со македонски автори‘‘. На прашањето дали би издале на италијански некој млад македонски автор, Бјанко Фиоре одговара: „Зошто да не, идејата е интересна и ќе ја чувам и се надевам ќе ја реализирам. Тоа би била некоја помала издавачка куќа од Италија, бидејќи поголемите издаваат дела само од веќе афирмирани автори.“

Итна промена на концептот

Веќе традиционалниот Меѓународен саем на книгата мора под итно да го менува својот концепт, ако сака да го задржи епитетот меѓународен, или и понатаму да остане само провинцијален, далеку од она што го нудат познатите европски и светски саеми на книгата. Присуството на само неколку издавачи од соседството и минимално од развиените европски земји не го прават меѓународен. Организаторите итно треба да направат брз чекор напред на тој план, зошто бројните посетители и македонската читателска публика заслужуваат барем еднаш годишно да имаат вистински саем, вистински празник на книгата.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Трајче Тосев